Николоски: Добивале лиценци, па престанувале да ги исполнуваат условите

Многу од објектите кои што легално се стекнале со лиценци за вршење на дејност, по добивањето на документот, престанувале да ги исполнуваат условите врз основа кои што ја добиле лиценцата, соопшто денеска на прес конференција во Владата, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Тој посочи дека Владата донеле одлука да се направи контрола на сите издадени лиценци од страна на министерствата во рамки на Владата без разлика на што се однесуваат.
„Оваа одлука се однесува на сите министерства и сите институции кои што издаваат лиценци од било кој тип“, рече Николоски додавајќи дека во Министерството за транспорт во тек е контрола на сите издадени лиценци согласно Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање.
„Од издадени над 1.100 лиценци, вкупно проверени се 643 лиценци. Кај 97 лиценци или над 15 проценти констатирано е дека по издавањето на лиценците правните лица престанале да ги исполнуваат законските услови врз основа на кои истите се издадени поради што ќе се донесат решенија за одземање на лиценците“, рече Николоски.
Притоа, како додаде, изразено во бројки тоа значи:
- На 13 правни лица одземена им е лиценца А за изведувач на градби од прва категорија
- На 34 правни лица одземена им е лиценца Б за изведувач на градби од втора категорија,
- На 2 правни лица одземена им е лиценца А за надзор над изградбата на градби од прва категорија,
- На 6 правни лица одземена им е лиценца Б за надзор над изградбата на градби од втора категорија,
- На 3 правни лица одземена им е лиценца А за проектирање на градби од прва категорија,
- На 20 правни лица одземена им е лиценца Б за проектирање на градби од втора категорија,
- На 2 правни лица одземена му е лиценца Б ревизија на проектна документација на градби од втора категорија,
- На 1 правно лице одземена му е лиценца за управител за одржување на објекти од прва и втора категорија,
- На 16 правни лица одземена им е лиценца за изработка на урбанистички планови, соопшти министерот за транспорт Николоски.
Тој очекува до вторник да се заврши целосно постапката, а паралелно се спроведувата и контроли кај патниот превоз.
Воедно, Николоски најави и законски измени кои ќе придонесат за подобрување на состојбите во процесот на лиценцирањето.
– Министерството во моментов спроведува контрола на сите лиценци издадени согласно Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање. Законите за контрола не се јасни и не се исклучиви и затоа контролата сега се прави врз основа на политичка одлука, а по завршувањето на постапките ќе следат законски измени со кои ќе има обврска на секои шест месеци да се врши контрола на се што е издадено од страна на институциите, рече Николоски.