Од Зафир не се бега – емотивна вечер со ѕвезди во Филхармонија
Тој е последниот човек кој пред маршалот Тито отпеал сплет македонски песни и единствен Македонец кој настапил во париска „Олимпија“, потсети Ангеловски
Од Зафир не се бега. И по две години откако не е меѓу нас и не напушти на 78 години, неговиот дух, како сестран уметник, како човек и пријател, се врати, синоќа, на неповторливиот концерт во Филхармонија, во негова чест, во организација на „Авалон“. Не собра неговиот син Васил Хаџиманов, надарен на татко му како врвен музичар, кој го носи името на дедо му Васил Хаџиманов (еден од најголемите македонски етномузиколози), а од семејната лоза му се придружија и ќерка му Марта, оперска и џез певица, која студира во Германија и веќе имала настап со Берлинската филхармонија, и неговата тетка, ѕвездата од југословенските простори Бисера Велетанлиќ, која и на 81 година е музичка дама парекселанс.
Таа на ексклузивен настап во регионални рамки, ги исполни своите песни „Мило моје“ и „Златни дан“. Марта Хаџиманов заедно со младиот џез музичар од Белград, Виктор Тумбас, како некогаш дуетот Сенка и Зафир, ја испеаја „Љуби ме и главата горе“. Сопругата на Зафир, југословенската дива Сенка Велетанлиќ, од здравствени причини, не дојде во Скопје од Белград.
Публиката од сите генерации, на сцената, беше почестена и со ѕвезди од калибарот на големиот актер Никола Ристановски, кој го видовме во поинакво светло, како пејач, на првата песна на Зафир со која победил на фестивали „Човек како јас“ и со новата чудо песна „Камен“ со последниот текст од Зафир, на музика на неговиот син Васил Хаџиманов.
Ваков емотивен настан не може да помине без Калиопи која ретко настапува во Скопје, а Васил ја најави како своја сестра. Таа маестрално ја испеа „Приспивна за реката“. Сашко Гигов- Гиш кој исто така ретко го гледаме на настапи, ја крена публиката на нозе со енергичниот настап и песните „Земи момче Македонче“, „Љубов ли е ова или панаѓур“ и најголемиот хит „Како Вардар“. Коле Ангеловски пак ја насмеа публиката до срце со анегдотите од нивните почетоци во музиката и како студенти на Факултетот за драмски уметности во Белград , и како другари кои заедно летувале и бркале девојки.
„Тешко е да се свират сите овие песни, а него го нема тука“, кажа синоќа син му Васил Хаџиманов.
За голема утеха, од Зафир не може да се избега како што не се бега од неговата антолигиска песна „Од љубов не се бега“ која, неговиот син, без вокал, на крајот го заврши емотивниот концерт, свирејќи ја сам на клавир на бис, покрај композицијата „Охрид“ која ја напишал кога студирал во Бостон и кога мислел за дома или „Сланкамен“ по селото во Војводина каде Зафир од мерак правел вино и ракија.
Тој, легендарниот Хаџиманов, кој беше и почесен амбасадор на културата на Македонија во Србија, играл и главни улоги во неколку филма, како во филмовите „Нож“ и „Македонска крвава свадба“. Тој е последниот човек кој пред маршалот Тито отпеал сплет македонски песни и единствен Македонец кој настапил во париска „Олимпија“, потсети Ангеловски.
– Секоја моја песна, креирана и испеана, или напишана и отпечатена, секоја моја ролја, секоја проза, секоја изјава, коментар, сето тоа што јас го чувам и внимателно и умно одвреме-навреме го подарувам е една иста порака – културата и уметноста се силно оружје во борбата за слобода на сè – и љубов, и мисла, и живот, што не може да се купи ниту на црн, ниту на легален пазар. Ниту кај Трамп, ниту кај Путин, ниту кај Си Џинпинг, ниту на Бит-пазар. Прво, описменете се, второ, читајте селективно и квалитетно и, трето, кажете што мислите и бранете го тоа аргументирано докрај, вели во интервју од 2019 Хаџиманов по повод најновото ЦД-издание „Како Вардар ќе дотечам. Најдоброто од Зафир Хаџиманов“.
Ќе дотече тој пак како Вардар. Македонија секогаш ќе ги сака неговите песни и интерпретација, кои се вградени во македонскиот културен код.