„Никој нема да нѐ прави будали“ рече Бајден, објавувајќи тврди санкции против руски банки и олигарси
Бајден рече дека САД ќе воведат „целосно блокирање“ на две големи руски финансиски институции и „сеопфатни санкции“ за рускиот долг

Претседателот Џо Бајден нареди тешки финансиски санкции на САД против руските банки и олигарси во вторникот, засилувајќи ја конфронтацијата на Западот со Москва, додека руските пратеници го овластија претседателот Владимир Путин да користи воена сила надвор од нивната земја.
Бајден, во краткото обраќање од Белата куќа, го обвини Путин за флагрантно кршење на меѓународното право во, како што го нарече „почеток на руската инвазија на Украина“, и вети дека ќе следуваат повеќе санкции доколку Путин продолжи понатаму.
Претседателот им се придружи на 27-те членки на Европската унија кои едногласно се согласија во вторникот да воведат свој првичен пакет санкции насочени кон руските официјални лица поради нивните дејствија во Украина. Германија, исто така, објави дека го стопира процесот на сертифицирање на гасоводот „Северен тек 2“ од Русија – профитабилен договор што долго време го бара Москва, но критикуван од САД за зголемување на зависноста на Европа од руската енергија.
„Никој нема да нѐправи будали“ со тврдењата на Путин за Украина, рече американскиот претседател.
Бајден рече дека исто така преместува дополнителни американски војници во балтичките земји на источното крило на НАТО што се граничи со Русија. Премиерот на Естонија и претседателите на Летонија и Литванија во петокот упатија директна молба до потпретседателката Камала Харис, САД да го засилат своето присуство на Балтикот.
Бајден рече дека САД ќе воведат „целосно блокирање“ на две големи руски финансиски институции и „сеопфатни санкции“ за рускиот долг.
„Тоа значи дека ја исклучивме руската влада од западните финансии“, рече Бајден. „Веќе не може да собира пари од Запад и не може да тргува со својот нов долг на нашите пазари или на европските пазари“.
Претседателот ја објави, како што рече, првата транша од санкциите додека руските трупи влегоа во областите под контрола на бунтовниците во источна Украина, откако Путин во понеделникот рече дека ја признава независноста на областите. Не беше јасно колкаво е руското распоредување, а Украина и нејзините западни сојузници долго време велат дека руските трупи веќе се борат во регионот, наводи кои Москва секогаш ги негираше.
Со зголемувањето на тензиите и поверојатен изглед на поширок конфликт, Белата куќа почна да ги нарекува руските распоредувања во регионот познат како Донбас како „инвазија“, откако првично се двоумеше да го употреби терминот – црвена линија за која претседателот Бајден рече дека ќе резултира во строги санкции против Москва.
„Сметаме дека ова е, да, почеток на инвазијата, најновата руска инвазија во Украина“, рече Џон Финер, главен заменик советник за национална безбедност, за Си-Ен-Ен. „Инвазијата е инвазија и тоа е она што е во тек“.
Реториката на администрацијата на Бајден значително се зацврсти за помалку од 24 часа. Белата куќа објави ограничени санкции насочени кон бунтовничкиот регион во понеделникот вечерта, веднаш откако Путин рече дека испраќа војници во источна Украина. Висок претставник на администрацијата на Бајден, кој ги информираше новинарите за санкциите насочени кон отцепениот регион, истакна „дека Русија ги окупира овие региони од 2014 година“ и дека „руските трупи кои влегуваат во Донбас сам по себе нема да биде нов чекор“. (АП)