Никој не верува во „Албанец претседател“ без поддршка на ДУИ и на Македонците

Место да прават европски фронт, политичките партии на Албанците во државата целосно ја етнизираа изборната кампања


 

Место да прават европски фронт, бидејќи многу сакаат Македонија да стане членка на Европската унија, политичките партии на Албанците во државата целата кампања ја етнизираа  и сите политички договарања ги префрлија во Приштина, од каде секојдневно штанцаат големи идеи – од Албанец претседател, заеднички настап на сите албански опозициски партии – до заедница на албански општини во Македонија.

Иако овој театар сме го виделе многупати досега и иако ДУИ формално е надвор од оваа политичка игранка, сите изјави и интервјуа од оваа партија изминатите денови одат или на косовскитe, или на албанските медиуми, во очигледен натпревар големата политичка победа наречена „прв премиер Албанец“ да не биде засенета од идејата за „прв Албанец претседател“.

Иако главната улога во ова директно вклучување на Косово на македонската политичка сцена ја имаат обединетата албанска опозиција и Алијансата за Албанците, во голема мера, со триумфализмот околу изборот на Талат Џафери, и ДУИ придонесе за етнизација на предизборната кампања и враќањето на празниот национализам.

На ДУИ реално овие случувања му одговараат, бидејќи наративот се сели на негов терен и е безопасен, зашто во спротивно тема на кампањата ќе беше корупцијата во партијата. Овој „Албин Курти театар“ исто така ќе ја засили и позицијата на ДУИ во политичкиот пазар со СДСМ за кандидат за претседател и место Арбен Таравари, како што се шпекулираше во албанските политички кругови, да стане првиот Албанец на оваа функција, ДУИ ќе добие посилна позиција во која и да е идна влада потоа.  

Сѐ се врти околу Арбен Таравари во последно време (Фото: Б. Грданоски)

Забавата малку ја расипа Арбен Таравари кој денес во изјава за МИА потврди дека партиите од албанската опозиција му предложиле да биде нивен кандидат за претседател, но дека  – не е заинтересиран. Изјавата дојде само еден ден откако Билал Касами од Беса порача дека Таравари преговарал (а не дека тие му понудиле) да биде претседателски кандидат на опозицијата.

Што покажува, сепак, математиката околу овој политички театар диригиран од Приштина? Може ли кандидат за претседател Албанец да влезе во вториот круг и, уште повеќе, може ли да стане претседател во оваа политичка констелација?

Според Петар Арсовски, аналитичар, може да се случи кандидат Албанец да влезе во вториот круг на претседателските избори, но само ако зад него застанат сите албански политички партии, меѓу кои и ДУИ, во што тој не верува. Според него, во албанскиот блок политичката сцена е многу биполаризирана и главната цел е да се избрка ДУИ од власта, така што не очекува дека е можно такво сценарио.

Ако албанската опозиција излезе со единствен кандидат, макар била внатре и Алијансата за Албанците, сепак немаат никакви шанси да успеат да влезат во вториот круг на изборите, смета Арсовски. Во вториот круг, пак, смета тој, претседателот се договара  „во контингенти“ (со давање гласови од партиите) и тогаш не може да се смета со сигурност дека за СДСМ ќе биде поприфатлив кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ отколку кандидатот Албанец. 

Но, запрашан за опцијата, поради голема апстиненција на изборите и немањето цензус од 40 отсто тие да пропаднат, Арсовски смета дека тоа не може да се случи ако и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат кандидати во вториот круг. Ако немаат, можно е и тоа сценарио, бидејќи тогаш не ќе може да се достигне прагот од 700.000 гласачи. Она што е поважно за него е дека никој нема да обезбеди тротретинско мнозинство и ако СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не се договорат да ги изгласаат уставните измени, ќе пропаднат преговорите со ЕУ. 

И Сефер Селими, аналитичар од невладината „Демокраси лаб“, смета дека нема шанси кандидат Албанец да влезе во вториот круг на претседателските избори ако зад тој избор не застане и ДУИ, а според него тоа нема да се случи. Идејата на овие договарања во Приштина, смета тој, е со еден заеднички претседателски кандидат албанските опозициски партии да покажат сила кај гласачите, во смисла да им пратат сигнал дека можат да победат на парламентарните избори, кои се по претседателските. Најмногу гласови на кои може да сметаат, проценува тој, со таков заеднички кандидат се околу 70.000, што е далеку од тоа што го освои на пример Имер Селмани во 2009 година, кога имаше околу 150.000 гласови, но од нив 50.000 од македонски гласачи. 

Ако албанските опозициски партии излезат со заеднички кандидат, ќе излезе и ДУИ, смета тој ,бидејќи според него се работи само за предзагревање за парламентарните избори. Тој не верува дека Алијансата за Албанците може да се најде во европскиот фронт со СДСМ и ДУИ на заедничка листа и дека најверојатно дека ќе оди во опозиција.

Александар Кржаловски од МЦМС се согласува исто така дека, ако сите албански политички партии застанат зад еден кандидат, тој има шанси да влезе во вториот круг на претседателските избори, но дека тие шанси не се големи. И тој го посочи примерот со Имер Селмани, но смета дека овојпат, за разлика од тогаш, нема Македонци што ќе гласаат за кандидат Албанец. Зошто, е друга тема.

На тие избори во 2009 година Селмани освои точно 147.000 гласови и да немаше уште два кандидати од албанскиот блок, лесно можеше да влезе во вториот круг и, според Кржаловски – и да победи, поради прифатливоста за македонските гласачи, кои пак многу бргу потоа ги разочара со целосниот политички пресврт во радикални води. Со оглед на расположението во државата сега, дури и со целосна поддршка на сите албански партии, вели Кржаловски, прашање е дали албански кандидат може да добие повеќе од кандидатите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ одделно. Она што е важно, вели тој, е што меѓу изборите во 2016 и 2020 година апстиненцијата е многу голема и од 250.000 гласачи што не се појавиле вториот пат, дури 240.000 се препишуваат на Македонците, поради што ДУИ освои толку многу места во парламентот, како никогаш претходно.

И сега, наспроти албанските партии кои се кохезираат, македонските се расцепкуваат, па и се дуплираа за овие избори, така што во таа математика треба да се вкалкулираат и гласовите на ЗНАМ, на Левица, на Нова алтернатива, на ГРОМ кои, смета тој, само ќе направат штета, а нема многу да освојат. Тој очекува сепак дека претседателските избори ќе успеат.