Никој не ги сака акциите на Сашо Мијалков

Во петте дена колку што било отворено наддавањето минатиот месец, на Берзата не се реализирала ниту една трансакција од јавната аукција за одземениот имот


 

Ниту една од акциите кои што ги имал Сашо Мијалков во неколку акционерски друштва, а кои што му беа одземени со одлука за спогодба со обвинителството и сега со нив располага Агенцијата за управување со одземен имот, не биле продадени на берзанската аукција која што се одржа минатиот месец на Македонската берза.

Аукцијата беше организирана од страна на Агенцијата, која во посебен јавен оглас ги соопшти имињата на акционерските друштва, бројот на акциите, нивната номинална вредност и почетната цена по која што се нудеа, а улогата на Берзата се состоеше да ги извести брокерските друштва, односно учесниците на пазарот на капитал.

Но, како што покажува берзанскиот билтен за јули, а тоа го потврдија од Берзата за „Независен“, во петте дена колку што било отворено наддавањето, не се реализирала ниту една трансакција од оваа јавна аукција.

Јавната берзанска аукција се одржа на 19, 20, 21, 24 и 25 јули годинава, а беше најавена претходно кога Агенцијата за управување со одземен имот на 27 јуни соопшти дека објавува оглас за продажба на обични акции во сопственост на Агенцијата кои ќе бидат понудени на продажба на Македонската берза на хартии од вредност по пат на јавна берзанска аукција.

Еве што беше понудено на аукцијата:

Први на објавениот оглас беа 533 обични акции на ТТК банка, чија номинална вредност изнесува 533 илјади денари и сочинуваат 0,06 отсто од главнината на друштвото, а почетната цена по која се нудеа беше 1.380 денари за акција.

Беа понудени и 50 обични акции во „Попова кула“ – Демир Капија, чија номинална вредност изнесува 3.075 денари, а почетната цена за акција изнесуваше 16 денари.

Најголем износ, дури 7.108 обични акции отпаѓа на хартиите од вредност во Стопанска банка  Битола, кои сочинуваат значајни 1,84 отсто во главнината на друштвото и чија номинална вредност е 21.639.000 денари, додека почетниот износ кој што се бараше на аукцијата беше 2.772 денари за акција.

Мијалков поседувал и хартии од вредност од Халкбанк, кои Агенцијата исто така ги стави на берзанската аукција. Станува збор за 1.113 обични акции, кои сочинуваат 0,53 отсто од главнината на друштвото и чија номинална вредност е 11.130.000 денари, а почетната цена која што се бараше беше 10 илјади денари за една акција.

Од Мијалков биле одземени и 500 обични акции кои што ги имал во „Уготур“ АД Скопје, чија номинална вредност е 525 евра. Тие сочинуваат 0,06 отсто од главнината на друштвото, а почетната цена која се барала за нив била 24 денари.

Следни на огласот се 744 обични акции издадени од Тутунски комбинат Прилеп, со номинална вредност од 38.040 евра и кои претставуваат 0,03 отсто од главнината на друштвото. Почетната цена по која Агенцијата ги понуди овие акции беше 51,13 евра за акција.

На аукцијата се најдоа и 592 акции издадени од РЖ „Услуги“ АД Скопје кои претставуваа 0,04 отсто од главнината на друштвото. Нивната номинална вредност е 3.025 евра, а почетната цена на аукцијата беше 53 денари за акција.

Конечно, последни на списокот на Агенцијата се најдоа и 292 акции издадени од „Арцелормиттал Скопје (ХРМ)“ АД Скопје, чија номинална вредност е 1.492 евра, а почетната цена која што се бараше за нив на аукцијата беше 4 денари за акција.

Сите овие акции беа понудени според моделот „сѐ или ништо“, односно заинтересираните купувачи можеа да го купат само целосно пакетот акции од некоја од компаниите, но не и поединечно, односно дел од акциите.

Плаќањето, доколку аукцијата беше успешна, требаше да се изврши во готово во денари, а порамнувањето ќе се извршеше во рок од 3 дена од денот на одржувањето на јавната берзанска аукција.

Со оглед дека на аукцијата се најдоа и акции на неколку банки, од Агенцијата за управување со одземен имот укажа и на некои ограничувања кои што произлегуваат Законот за банки, а кои што се однесуваат на стекнување квалификувано учество, при што мора претходно да има добиено согласност од НБМ.

Исто така и дека секое лице кое има намера, директно или индиректно, постапно или одеднаш, да стекне акции чиј вкупен кумулативен номинален износ изнесува или надминува 5%, 10%, 20%, 33%, 50% и 75% од вкупниот број на акции, односно од вкупниот број на издадени акции со право на глас во банката, без оглед на тоа дали акциите ги стекнува само или заедно со други поврзани лица, директно или индиректно, е должно да поднесе барање до Народната банка за добивање претходна согласност.

Со оглед на бројот на друштвата и акциите кои биле опфатени со аукцијата, тие биле поделени во две групи. Во едната биле акциите на ТТК, „Попова кула“, Стопанска банка Битола и Халкбанк, а во другата на „Уготур“, ТК Прилеп, РЖ „Услуги“ и на „Арцелормиттал“.

Не е познато кога овие акции повторно ќе бидат ставени на продажба по пат на јавна берзанска аукција.

Инаку, денеска Агенцијата за управување со одземен имот објави дека преку јавно електронско наддавање на 25 август, ќе се продаваат повеќе недвижности кои биле одземени од Мијалков во случајот „Империја“. Повеќе на следниот ЛИНК.