На продажба два одземени стана во Охрид на Мијалков и две земјишта


Фото: Б. Грданоски

 

Два стана во Охрид, земјиште кај Моране, плац на Кожуф, запленети од поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков ставени се на продажба од  Агенцијата за управување со одземен имот. Овој недвижен имот на Мијалков му беше запленет во случајот „Империја“.

Двата стана во Охрид, од кои едниот од 46 (+19 помошни простории) метри квадратни е со проценета вредност од Бирото за судски вештачења на 5.775.234 милиони денари (94 илјади евра), а другиот од 58 (+ 56 ПП) метри квадратни во истата зграда, е проценет на 9.032.505 денари (146 илјади евра).

Се продава и земјиште од 56.818,07 метри квадратни кај Моране во Општина Студеничани крај Скопје со почетна вредност од 17.045.421 денари (277 илјади евра).

Се продава и плац кај местото Џибарица на Кожуф од 321 метри квадратни, проценет на 29.686  денари.

Јавното електронско наддавање е закажано за 25 август. Со продажбата на имотот треба парите да се вратат во државниот буџет.

Мијалков има и друг имот, кој се очекува во наредниот период да биде ставен на продажба, а на списокот од 33 имотни листови чија вкупна вредност е 15 милиони евра, а во кои е впишана сопственоста на име на Агенција за конфискација на имот е и шумата во Горно Курилово на Водно од 650 метри квадратни и веднаш до неа градежна парцела од речиси 4 илјади метри квадратни, илјадници метри квадратни земјоделско земјиште во близина на Богданци.

Одземен имот под зграда во Охрид со површина од 2.740 м2 од хотел во Охрид, во вредност од 360 илјади евра. Мијалков остана и без два апартмани во „Панорама резиденс“ во Скопје од 91 и 94 метри квадратни, градежно земјиште и апартмани во Центар. Станува збор за неколку парцели и 25 апартмани во две згради, гаражи, деловни простори адреса „Славејко Арсов“ на Водно, сето тоа во вредност од 3,5 милиони евра.

Претходно, на тргување на Македонската берза за хартии од вредност по принципот „сѐ или ништо“, беа ставени акциите на Мијалков во ТТК банка, Тутунски комбинат „Прилеп“, „Арцелор митал“, Стопанска банка Битола, „Попова кула“, Халк банка, „Југотурс“ и РЖ „Услуги“. 

Во случајот „Империја“, Сашо Мијалков призна вина и се спогоди со Обвинтелството, а казната беше три години затвор и одземање на имот вреден околу 30 милиони евра, меѓу кои 25 станови и парцелата до хотелот „Мериот“.