Доволно е еден од партнерите да е под 35 години за да добие попуст за стан и за комуналии, вели Мицкоски
Мерките за купување стан со 20 отсто пониска цена од просечната или ослободување од комуналии за изградба на куќа за млади брачни парови до 35 години се прошируваат со можност барем еден од брачните партнери да биде до 35 години, информира денеска премиерот Христијан Мицкоски.
На Собраниската седница за пратенички прашања, одговарајќи на прашање на Велика Стојкова Серафимовска од ВМРО – ДПМНЕ, Мицкоски истакна дека двата специјални закона се во изработка и оти очекува во декември да бидат пред пратениците, а од следната година да почнат да се имплементираат.
– Се разбира имаме многу предизвици. Се сеќавате во минатото не навредуваа, не напаѓаа, измислуваа дека сме заштитници на градежната мафија, на олигарсите, па ние сме го бетонизирале Скопје, Македонија и така натаму. Истите тие кои што беа против истовремено сѐ за сѐ. Отприлика така функционира пораката која што доаѓа од опозицијата. Значи ние сме против градење, против пруги, против рудник за антимон, хидроелектрани, дата – центри, против сѐ, но истовремено сме за сѐ. Граѓаните тоа го гледаат и затоа не им ја даваат довербата, затоа што се свесни дека тоа кое што тие го кажуваат нема логика. Затоа што знаат дека на овој начин се обидуваат практично да добијат глас повеќе – истакна Мицкоски.
Појаснувајќи ја првата мерка со која брачен пар до 35 години или најмалку еден член во таа брачна заедница да има возраст до 35 години, ќе се стекне со право да користи 20 отсто попуст на станбена површина споредено со просекот од претходната година за таа катастарска општина. При тоа изнесе бројки од анализата на Агенцијата за катасар и недвижности за првите три квартали од оваа година.
-Во првите три квартали во катастарска општина Центар просечно квадрат се продавал по 1.915 евра. Толку катастарот има заведено. Сега дали градежните компании продавале по таа цена, не продавале, не знам, но толку стојат во договорот и толку платиле данок. 1.915 евра, 20 проценти попуст, тоа значи дека следната година отприлика тој кој што ќе сака да добие дозвола за градба на станбена единица мора најпрво да оддели 10 отсто станбена површина за овие луѓе кои ги исполнуваат условите согласно законот и тогаш квадратот ќе биде 1.530 евра – појасни Мицскоски.
Во Карпош просекот евидентиран во Катастарот во првите три квартали е 1.386 евра квадрат. Со попуст тој би бил 1.110 евра за квадрат. Во Охрид просекот бил 1.138 евра, а со попуст цената ќе биде 911. За Струмица 751 евро, додека со попуст ќе биде 601 евро квадрат за брачен пар до 35 годишна возраст. За Битола просекот во првите три квартала од оваа година е 525 евра квадрат, а со попуст ќе биде 420 евра. Во Кавадарци просекот е 795 евра квадрат, со попуст тоа е 636 евра. Во Гостивар просекот е 635 евра, со попуст ќе биде 508 евра. Тетово просекот во Катастар е 785 евра, со попуст ќе биде 627 евра, додека во Штип просекот е 810 евра, а со попуст ќе биде 648,5 евра за квадрат.
– Ова ќе бидат цените со кои што тие кои што ќе ги исполнуваат условите ќе можат да се стекнат со право да влезат во овој процес. Значи ќе повторам, нема да може градежната компанија да добие дозвола за градба доколку уште во процесот на урбанизација и проектирање не одвои најмалку 10 отсто од станбена површина, за оваа мерка за младите со која што цениме дека тие ќе го решат своето најгорливо прашање, а тоа е домувањето – подвеле Мицкоски.
Во однос на втората мерка упати порака до ЗЕЛС и до градоначалниците да парцелизираат и да урбанизираат површина на која што потоа преку јавно наддавање, а вели, силно ги советува да биде тоа јавно наддавање едно евро квадрат, да дозволат на брачни парови што ги исполнуваат овие услови да можат да се стекнат со имот и да ги ослободат потоа од комуналии ако градат куќа.
– Цениме дека овие две мерки ќе додадат вредност врз квалитетот на живот на младите и оти на овој начин ќе се отвори еден вид ривалитет од општина во општина кои што практично се обидуваат да привлечат што е можно повеќе брачни парови кои што ги исполнуваат овие услови. Ги повикувам и градоначалниците да размислат и во овие 10 отсто дополнително да дадат попуст и тука во делот на комуналиите кои што се однесуваат за брачните парови кои што ги исполнуваат овие услови – истакна Мицкоски посочувајќи дека ќе го доразработат законското решение со Министерството за транспорт.