„Никогаш незаљубен” – изложба и уметничка средба во Францускиот институт

Францускиот институт во Скопје има чест да ве извести и да ве покани на изложба и уметничка средба насловена „Никогаш незаљубен”, која ќе се одржи во понеделник, 28 април 2025 година, со почеток во 18:00 часот, во Францускиот институт во Скопје. Автор на изложбата е уметникот Дарко Алексовски, а куратор на истата е Мелоди Робин.
Настанот ќе биде проследен со уметничка средба за креативниот процес и делата.
Оваа изложба претставува можност да се запознаете со делата на визуелниот уметник Алексовски, чија уметничка практика се формира на преку работа со слики и креативно пишување. Тој за оваа изложба, преку две меѓусебно поврзани дела: „Љубовни писма до осаменоста” и „Бранови”, ги отсликува размислите за љубовта, сеќавањето и променливоста на човечките врски.
Изложбата комбинира писма напишани на машина за пишување и серија цртежи во голем формат кои создаваат асоцијативен морски пејзаж, евоцирајќи битовo сликарство.
Ова дело на Алексовски е веќе изложувано во студиото на Private print, како и во галерии во Сплит и Марибор, со адаптација на поставката. Оттука, делото секогаш добива нова форма.
Во интервјуто за емисијата Стереофранс, Алексовски вели :
„Она што овој пат ми е особено интересно во целиот процес, за оваа верзија на проектот, е токму изложбениот простор во Францускиот институт во Скопје, односно витрината, која на еден интересен начин ја означува таа дихотомија помеѓу отворениот и затворениот простор, и начинот на кој делата ќе можат цело време да се видат, односно писмата ќе можат во секое време да се прочитаат, независно од работното време на институтот. Голем дел од проектот, односно самата содржина на писмата, ги содржи тие чувства на ранливост, тие чувства на невозвратена љубов, така што интересно ќе биде да се види како публиката реагира, односно како публиката ги чита и восприема писмата додека трае изложбата…“