Ни Ковачевски не гледа потреба за средба со Мицковски, можело и по телефон

Одговарајќи на новинарски прашања при посетата на општина Шуто Оризари, Ковачевски рече дека во СДСМ е почната процедурата за предлагање можни кандидати за претседател на државата и за пратеници.
-Таа е статутарно пропишана и штом ќе заврши ќе може да бидат споделени имињата со повисоките органи на партијата. Прво оди во месни организации, потоа во општински организации и потоа доаѓа Извршниот и Централниот одбор. Дотогаш имињата не се коментираат бидејќи има поширока палета на имиња. Имаше медиумски напис за можни имиња, еминентни имиња, кои биле разговарани на овие состаноци, рече Ковачевски.
Премиерот потврди дека има комуникација со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а на прашањето дали ќе има лидерска средба одговори дека не мора сите средби да бидат „во сали за состаноци“ и дека „многу работи може и на телефон да се завршат“.
-Комуникација имаме. Ние сме луѓе кои се познаваме, имаме заеднички пријатели, водиме две политички партии кои се најголеми во државата и сметам дека има работи што може на таков начин да се направат, а кои се од техничка природа – предлагање министри во техничка влада, договарање на термините кои исто така се законски пропишани, додаде Ковачевски.