Ни „Комунална хигиена“ не знае колку возила за смет добила


Преку донација од Министерството за транспорт и врски, ЈП „Комунална хигиена“-Скопје денеска доби на трајно користење дваесетина специјални комунални возила наменети за собирање и транспорт на комуналниот отпад на територијата на градот Скопје и одржување на хигиената на јавните и сообраќајните површини.

Зошто претпријатеието не ја знае конкретна бројка на возила што ги добило на располагање, туку во соопштението одат со приближната – дваесетина – и како ќе ги задолжи и ќе ги одржува – останува нејасно.

Понатаму, објаснуваат за колкави камиони станува збор и секако, се пофалија колку отпад однеле во август, како и дека континуирано ја одржуваат хигиената во градот.

„Станува збор за специјални камиони со зафатнина од 3, 8, 17 и 20 кубни метри, автоцистерни наменети за машинско миење на улиците и специјализирани метларки наменети за машинско метење.

Преку ставањето во употреба на новите специјални комунални возила се очекува значително да се зголеми ефективноста и ефикасноста на извршувањето на оперативните активности на Претпријатието на терен.

Само во текот на месецот август, екипите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје подигнаа и транспортираа 14.200 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот Скопје и беа отстранети 2.740 кубни метри мешан комунален, кабаст и градежен отпад одложени на јавни и сообраќајни површини во сите скопски општини.

ЈП „Комунална хигиена“-Скопје континуирано ја одржува и јавната хигиена на скопските булевари и улиците што се во надлежност на Градот Скопје преку машинско миење со автоцистерни, додека секојдневно во три смени спроведува машинско и рачно метење и рачно миење на плоштадот и улицата „Македонија“, помалите плоштади „Филип Втори“, „Мајка Тереза“ и „Богородица“, пешачките мостови во централното градско подрачје, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев”, и „Слобода”, како и Старата скопска чаршија. Во сите скопски општини, Претпријатието секојдневно реализира и рачно миење на микролокациите каде што се поставени садовите наменети за одлагање комунален отпад“, стои во соопштението.