Ни Гвардиола не се фали толку себеси, колку што се фали Милевски


Да тврдиш дека репрезентацијата под твое водство по само три меча играла најдобро во својата историја, е повеќе од неумесно. Па дури и фарсично

 

Кога Благоја Милевски беше селектор на младата репрезентација јавноста го перцепираше како скромен фудбалски стручњак кој една генерација талетрирани фудбалери ги донесе до тогаш највисоките скалила. Но Благоја Милевски како селектор на главната фудбалска репрезентација изгледа како поинаков стручњак кој е преполн со фалби за самиот себеси.

Неговото деби не изгледа лошо според резултатите – три нерешени средби во три меча, но тврдењата дека направил некаква голема револуција во тимот и играта не само што се претенциозни, туку се далеку и од фактите. Секој тренер кога доаѓа на работа на ново место (без оглед дали е тоа клуб или репрезентација) во своите изјави во првите месеци нагласува дека не може преку ноќ целосно да се спроведе неговата концепција и фудбалерите да почнат да се прилагодуваат и да ја спроведуваат неговата тактика и игра. Тоа го изјавуваа и Пеп Гвардиола и Јирген Клоп и Карло Анчелоти. Само Милевски веднаш по својот втор меч – против Исланд (кога репрезентацијата наивно, дури и аматерски, дозволи да ја прокоцка предноста од 2:0) изјави дека Македонија никогаш не играла таков добар фудбал во својата историја како сега под неговото водство.

По ремито со Романија (второ на Градски за една недела, и пак без голови) тој ѝ даде дополнителна динамика на својата оценка, па изјави:

„Без разлика на сѐ, Македонија како што одигра на овие три меча, нема одиграно во историјата. Без разлка на сѐ што се зборува за реалиизацијата, немам ниту една забелешка за ниту еден фудбалер. Тие не само што го дадоа максимумот, туку и играа фудбал кој е задоволство да се гледа, барем од моја гледна точка. Што се однесува до реализацијата, имавме безброј шанси каде недостасуваше тој дел од секундата“.

Изгледа дека Милевски е екстремно оптоварен со успех по секоја цена уште на првите мечеви, па фалбите ги стави на прво место наместо да се осврне повеќе на она што недостасува во играта и зошто Македонија од можни шест освои само два бода на домашен терен и со тоа шансите за второ место во групата (кои беа реални по фантастичната победа над Германија на гости) ги сведе на некој поднослив оптимизам. Се разбира, шансите сѐ уште се тука, но ќе треба многу знаење и труд да се надополни она што е пропуштено.

Да се зборува дека Македонија играла најдобар фудбал во својата историја на овие три меча не само што е потценување на брилијантната игра при победата над Германија, туку и омаловажувањсе на сиот труд и знаења на сите негови претходници (некои помалку, а некои и многу успешни). Тоа не е само потценување на претходните селектори, туку и на играчите што играле за репрезентацијата кои оставија неизбришливи траги (како Пандев или Шаќири, на пример) и катапултирање во врвот на сегашниот состав.

Во крајна линија, неговите самофалби може да им направат и мечкина услуга на самите фудбалери, доколку мислат само на изјавите на селекторот, а не ги перцепираат резултатите на теренот. Во три меча Македонија даде два гола (и двата дело на одбранбени играчи) и тоа е предмет на сериозна грижа за ефикасноста, уиграноста и спретноста на напаѓачите. А одбраната ги покажа сите болки со кои се соочува многу години наназад.

Со вакви самофалби Милевски нема да постигне некој поголем успех, освен самозалажување. На Македонија ѝ треба прилагодување на играта во пост-Пандев периодот и веројатно нова концепција, но да тврдиш дека репрезентацијата под твое водство по само два-три меча играла најдобро во својата историја, е повеќе од неумесно. Па дури и фарсично.

Шансите за второто место во групата не се загубени. Но ќе треба играта на репрезентацијата да се стегне повеќе, напаѓачите да даваат голови, одбраната да биде поцврста. Со вакви изјави изјави целта ќе биде подалечна, а не поблиска. (Љ.П.)