Алкараз го пропушта Мастерсот во Рим


Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз денеска соопшти дека поради повреда на раката го прескокнува Мастерсот во Рим кој е закажан за следната недела.

-Почувствував болка по играњето во Мадрид, непријатност во раката. Денеска имав тестови и имам мускулен едем, резултат на мојата последна повреда. За жал, нема да можам да играм во Рим. Ми треба одмор за да се опоравам и да може да играм 100 проценти без болка, напиша Алкараз на социјалните мрежи.

Пред два дена Алкараз беше елиминиран во четвртфиналето на Мастерсот во Мадрид, турнирот на кој се обиде да ја одбрани титулата освоена минатата година.

Шпанецот во своето обраќање не напиша колку време ќе треба да паузира, но шпанските медиуми истакнуваат дека ќе биде подготвен за Гренд слем турнирот Ролан Гарос, кој ќе се игра во Париз од 20 мај до 9.јуни.