Незгодни прашања за министерот Љутков во Мала Преспа


Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, вчеравечер во музејот посветен на албанскиот писател со македонско потекло, Стерјо Спасе, во селото Глобочани, Општина Пустец, Р Албанија, присуствуваше на отворањето на 19. издание на фестивалот „Македонско културно лето“.

Албанските новинари го дочекале со незгодни прашања кои се однесуваа на незадоволството од македонската страна за резултатите од пописот во Република Албанија при што драстично беше намален бројот на припадниците на македонското малцинство на сметка на бугарското малцинство во оваа соседна земја, пишува Слободен печат.

– Не сум информиран како се одржа овој попис во Албанија, но ова е дипломатски проблем, оставив на албанската држава да разговара и ние ќе дадеме свое мислење. Индивидуално право на секој граѓанин е да се изразува како што мисли и на крајот ќе оставиме државните институции да го кажат последниот збор – рекол Љутков.

Новиот министер за култура и туризам , пак во обраќањето на отварањето на фестивалот истакна дека тој на дело потврдува дека културата и јазикот што го зборуваме се поголеми и позначајни од границите што нè одделуваат.

– Денеска преку уметноста, литературата, музиката и сите други форми на културен израз, ги споделуваме креативноста и талентот на македонските уметници, одржувајќи го континуитетот во развојот и промоцијата на македонската култура меѓу сите жители во овој дел на Преспа. Токму преку културата, преку секоја слика и збор, ги уриваме границите и ги засилуваме врските со нашинците – рече Љутков.

Тој додаде дека е ова уште една потврда за грижата за македонското малцинство во Албанија и за посветеноста на Владата и на Министерството за култура и туризам за негување на македонската култура, идентитет и традиција во овој прекуграничен регион, претворајќи го во значајна дестинација за културен туризам.

На отворањето на фестивалот, публиката имаше можност да ги проследи изложбата на дела од академскиот скулптор Синиша Новески и промоцијата на книгата „Македонското традиционално пеење во: Мала Преспа, Гора и Голобрдо“ од авторката Андријана Јаневска.

Во рамките на фестивалот што ќе трае до 6 јуни, публиката ќе може да проследи три театарски претстави и една претстава за деца.   

Фестивалот, кој е во организација на Здружението на Македонците по потекло од Албанија „Сонце“, има цел заштита, развој и промоција на македонската култура кај македонскиот народ во Албанија.