„Независен“ во Источна Украина: Напрегнат мир и живот во страв

Многу семејства се поделени и разделени со новата „железна завеса“ и не знаат како да се определат. Некои се проруски, живеат во советските времиња, но си ја сакаат Украина


Војниците и цивилите се еден покрај друг секаде во Краматорски (Фото: С. Јовановска)

 

КРАМАТОРСК, Источна Украина – Павло Кириленко има 35 години, а одговорен е за двете најтешки функции, гувернер на цивилната и воената регионална администрација на Донецк. Негова задача е да ги задржи луѓето и да го врати моралот во безбедносно најзагрозената област во Украина. Буквално живее и работи на првата линија на фронтот и на нишан на снајперистите и ракетите од таканаречената Народна Република Донецк, контролирана од регуларните руски сили, во која сѐ уште нема војна, но постојано има спорадични пукања.

„Сите жители на регионот се загрозени. Не им е до војна, сакаат мир и сакаат обeдинување на земјата. Од таа страна на линијата на поделба се распоредени ракетни системи со дострел од 40 километри и можат секаде да стигнат“, вели Кириленко.

Не го знае бројот на војниците што се распоредени од страната на сепаратистите, како што ги нарекуваат официјално тие на окупираната територија, а не го открива бројот ни на украинските војници, ниту нивото на воена опрема, што се распоредени да возвратат ако треба. Порачува само  – дека се подготвени за секакви сценарија.

„Ви изгледам ли како некој кој се плаши?“ – возврати на прашањето како ја доживува целата ситуација во регионот. Верува дека украинската армија сега не е тоа што беше во 2014 година за време на првата руска интервенција, кога беше окипирана една третина од целата територија на регионот и сѐ уште е под нивна контрола.

„Тоа што го имавме во 2014 година само се нарекуваше армија.  Немаше ни доволно луѓе, ни воена опрема ни оружје. А храна за да води војна добиваше од цивилното население. Сега има значајна разлика.Тогаш волонтерите (чиј број не сакаше да го открие) правеа сѐ, сега армијата прави сѐ, а тие имаат само некои специфични задачи и околу ковид мерките“, вели тој. 

Многу згради ги имаат на себе лузните од конфликтот во 2014 година (Фото: С. Јовановска)

Денес за него и за сите што живеат во Донецк е важен ден, седумгодишнина од ракетниот напад на руските сили на градот Краматорск во кој загинаа 17 цивили и воени лица, а беа повредени шеесетина, од кои пет деца. Таа слика е свежа кај локалното население кое знае дека сите се на нишан.

Една од неговите главни задачи, сепак, е да создаде чувство на нормалност во регионот колку што може повеќе за да не си заминуваат луѓето. Сепак, повеќето од локалните жители се уморни од неизвесноста и порачуваат дека тука веќе не гледаат иднина.

Донецк и Луганск беа индустриски најразвиените региони на Украина, а целото нивно производство беше наменето за пазарите на Русија. Освен што живеат во страв, локалните жители се плашат и за егзистенцијата, бидејќи најголемата фабрика за производство на тешки машини за ископ, за кои е потребен цел воз за да се транспортира само една, сега ја губат работата, а во неа вадат леб 12.000 луѓе. Дури 158.000 куќи што биле оштетени во воениот конфликт во 2014 година се обновени, но траги од ракетирањата и пукањата има и натаму. Од милион и пол Украинци што се иселиле од окупираните територии Донец и Луганск, не сите се населиле во неокупираниот дел од регионот. Многумина заминале за Киев или друга дестинација подалеку од војната.

И што е потрагично, многу семејства се поделени и разделени и не знаат како да се определат. Некои се проруски, живеат во советските времиња, но си ја сакаат Украина, некои имаат етнички измешани родители, други се чувствуваат стари за да си заминат од домовите, додека нивните деца заминуваат од другата страна на линијата на поделба. Иако оваа нова железна завеса не е како таа во советски времиња, поделеноста е  физичка.

Не е сѐ така сиво, во Краматорск има и елегантни ресторани (Фото: С. Јовановска)

Според Кириленко, на линијата за контакт, како што ја нарекуваат овде официјално линијата на поделба на територијата, има четири пунктови на кои можат да поминат тие што сакаат, но функционираат само од украинска страна, бидејќи таканаречените власти во Донецк не дозволуваат никој да замине од нивната територија, како што вели – за да не видат каква е разликата кај нив и тука. Според негова оценка, таму ништо не се инвестира, па и се уништува, а Москва не е заинтересирана воопшто да им обезбеди подобри услови за живот.

И дел од неговото семејство живее на другата страна, а за да се видат одат во Русија и од таа страна влегуваат во Украина. Практично патуваат два дена, а ги дели само еден час пат. Пасошите на т.н. Народна Република Донецк никој не ги признава освен Русија, а многу од тие што не се среќни со окупацијата а се заглавени на таа територија, не ги ни сакаат.

Една Украинка ни се пожали дека нејзина роднина не може да студира, бидејќи тамошниот универзитет не функционира, а нема начин како да излезе од окупираната територија, бидејќи нема начин ниту како да извади украински пасош. Коваленко тврди дека украинските власти се подготвени да го прифатат секој граѓанин што од таа страна сака да премине на нивната територија, но и обратно. Вербата дека еден ден ќе им се врати територијата не ги напушта, а пример дека е можно тоа им е Германија, која по 45 години поделеност, повторно беше обединета.

На 18 километри од линијата на поделба, во Севернодонецк, денот сепак почна со тишина. Не се слушаат пукотници и не се гледаат војници. Само возилата на Обединетите нации и странските новинарски екипи, сместени во хотелот со несоодветно име „Мир“, се потсетник дека сепак состојбата е излезена од нормала и дека многу блиску нечии животи, на некои украински војници, кои буквално спијат во рововите на линијата на поделба, се загрозени од спорадичните пукања од дугата страна, а бројката на 15.000 загинати досега е најдобар потсетник за тоа.