Невремето предизвика поплави во Босилово и штети во Радовиш


Врнежите во Струмичко и Радовишко предизвикаа истекување на реката Струмица во атарот на селото Турново, а во Радовишко има оштетување на улици и наноси од земја, а во неколку населени места во оштетени се пристапите до станбени објекти.

Според информациите од градоначалникот на општина Босилово, Зоран Зимбаков, поплавени се над дваесет хектари обработливо земјиште кај селото Турново.

– Поплавите се предизвикани од излевањето на реката Струмица, која не можеше да го прифати силниот воден бран од Радовишко. Надојдените води на повеќе места го пробија заштитниот трап и поплавија дел од земјоделските површини кај населеното место Турново во општина Босилово, а екипи од ЈПКД „Огражден“ веднаш излегоа на терен, информираше градоначалникот Зимбаков.

Во Радовиш оштетена е дел од улица „Шаин Маале“, а наносен материјал има на улица „Плачковица“ на потегот од улица „Плачковички одреди“ кон улица „4 јули“. Во населените места Воиславци, Сулдурци, Калугерица и Јаргулица од поројните води оштетени се пристапите до станбени објекти.

Градоначалникот на општина Радовиш, Герасим Конзулов, заедно со стручните служби изврши увид на подрачјето кое беше зафатено од невремето.

– Направен е записник за настаната штета и информирани се Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи така што во наредните денови ќе се работи на санирање на штетите, информираше градоначалникот Конзулов.

Според Лазо Ѓоргиев, директор на АД Водостопанство на Македонија-Подружница „Струмичко Поле“-Струмица нивото на реката Струмица кај селото Владевци во споредба со вчера е намалена за скоро еден метар и со тоа е намален притисокот од излевање од речното корито.

– На местото каде се излеа реката Струмица кај селото Турново и се поплавени земјоделски површини интервенирано е со четири машини и направен е испуст за истекување на водата, по што во голем дел водата е истечена. Покрај тоа, исчистено е речното корито на реката Струмица на потегот од мостот кај селото Зубово кон Ново Село со што е спречено уште едно поплавување, информира директорот Ѓоргиев.

Апелира до граѓаните да не фрлат градежен шут отпад во речните корита, бидејќи со тоа се создаваат брани во течението кои предизвикуваат истекување.