Невреме проследено со град, врнежи и ветер ги зафати селата од општина Старо Нагоричане


Невреме проследено со град, силен ветер и интезивни врнежи вчера ги зафати и селата од општина Старо Нагоричане, Канарево, Цвиланце, Бајловце, Брешко, Аљинце и други, соопштија денеска надлежните.

– РЦУК Куманово во 21:02 часот до ЦУК ја достави информацијата дека околу 16:10 до 16:30 часот на подрачје во општина Старо Нагоричане во повеќе села имало елементарна непогода, најпрвин сув град во големина на јајце, почвата за десетина минути побелела, а потоа паѓало и силен дожд проследено со силен ветер, соопшти ЦУК.

Од општина Старо Нагоричане велат дека со вчерашното време зафатени се повеќе села во Козјачијата.

– Комисија ќе излезе на терен за да изврши увид во евентуалните штети предизвикани од вчерашниот град, изјави заменик градоначалникот на општина Старо Нагоричане Бобан Цветановски.

Тој посочи дека се уште пристигнуваат информации до Општината.