Ненадејно отповикана српската амбасадорка во Загреб
Јелена Милиќ од либерален проевропски интелектуалец со претвори во верен поддржувач на политиките на Александар Вучиќ

Српската амбасадорка во Хрватска Јелена Милиќ, денеска ненадејно беше отповикана од нејзината функција без објаснување. Таа во последните месеци ги полнеше извештаите на медиумите во Хрватска со инциденти.
Хрватските медиуми нашироко пишуваа за неа во јануари, кога демонстративно го напушти традиционалниот божикен дочек на Српскиот национален совет (СНВ), бидејќи беше незадоволна од аплаузот на домаќинот што ја придружуваше изјавата за поддршка на студентите кои протестираат во Србија, што беше наведено во писмото на добитникот на наградата СНВ за подобрување на хрватско-српските односи.
„Да бидам јасна, заминав затоа што некои од функционерите на СНВ го поздравија делот од писмото што не сакам да го цензурирам и тоа не е моја работа, но јас сум српскиот амбасадор во Хрватска. Така, раководството на СНВ го поздрави делот од писмото во кој се споменува поддршка за младите луѓе во Србија. За жал, голем дел од тие млади луѓе смета дека моето државно раководство се убијци и дека имаат крвави раце“, рече Милиќ во изјава за хрватските медиуми.
Таа рече дека реагира „на флагрантна навреда на државата“ и дека секој друг амбасадор би реагирал на ист начин.
Добитниците на наградата, писателката Јасминка Петровиќ и режисерот Радивој Андриќ, кои ги поврзува книгата и филмот „Летото кога научив да летам“ за последиците од војната во животите на членовите на некогашното големо и витално хрватско-српско семејство, не можеа да присуствуваат на приемот поради претходните обврски, но во своето писмо им се заблагодарија на девата, читателите и младите, како и на СНВ што ја препознаа пораката на простување и помирување.
Претседателот на Советот на СНВ и професор на Факултетот за политички науки во Загреб, Дејан Јовиќ, оцени дека постапките на српската амбасадорка биле „скандалозни“, пред сѐ затоа што ги нападнала граѓаните на државата што ја претставува, професори, уметници и студенти.
Минатата недела Јелена Милиќ предизвика нов инцидент во Загреб со демонстративно напуштање на конференцијата за национални системи за заштита на хрватското малцинство во Србија и српското малцинство во Хрватска, по изјавата на претставникот на хрватското малцинство во Србија и пратеничката на Хрватската демократска заедница во хрватскиот парламент, Јасна Војниќ, дека власта во Србија учествува во говорот на омраза кон хрватската заедница во таа земја.
Милиќ потоа реагираше од првиот ред на публиката, оспорувајќи го тоа тврдење и тврдејќи дека Хрватска не се соочува со минатото, спомнувајќи ги концертите на контроверзниот пејач Марко Перковиќ Томпсон, како и неговата нова песна „Ако не знаеш што се случи“.
По нејзиното излагање, Милиќ, на изненадување на присутните, демонстративно го напушти собирот во Домот на новинарите во Загреб, на кој присуствуваа и претставници на српското национално малцинство во Хрватска.
Во хрватските медиуми таа најчесто беше опишувана како амбасадорка склона кон инциденти и контроверзна, која за време на нејзиниот мандат од две и пол години напаѓаше и граѓани на државата што ја претставуваше.
„Јутарњи лист“ денеска, во написот за ненадејното отповикување на амбасадорот на Србија, нагласи дека нејзината „ненадејна метаморфоза од либерален проевропски интелектуалец кој го изгради својот јавен имиџ со отворено спротивставување на недемократското општество на Слободан Милошевиќ се претвори во верен поддржувач на Александар Вучиќ.
Јелена Милиќ некогаш беше непоколеблива активистка за човекови права и омразена од оние кои ја назначија за амбасадор на Србија во Хрватска. Таа некогаш беше еден од главните соговорници на медиумите за НАТО, Европската унија и Сребреница.
Таа некогаш активно ја поддржуваше работата на движењето на ненасилниот отпор, што придонесе за падот на Слободан Милошевиќ. Некогаш беше на списокот „30 мразители на Срби“.
Некогаш ѝ беше потребна полициска заштита поради смртни закани кои кулминираа по одбележувањето на почетокот на бомбардирањето на НАТО во 2016 година, кога ги повика српските институции „да престанат да манипулираат со бројот на жртвите“.
Бриселски „Политико“ своевремено ја вклучи меѓу 28-те личности кои ќе ја „оформат и променат европската политика“ во 2017 година.
„Таа е една од најгласните поборници за членство во Европската унија и НАТО и веројатно најгласниот критичар на руското влијание во земјата“, напиша тогаш „Политико“.