„Немој да го употребиш тој збор“: Инцидент на Комисијата за финансирање и буџет, седницата прекината
За време на расправата за Предлог-буџетот за 2025 година на матичната Комисија за финансирање и буџет, попладнево дојде до инцидент, додека на говорницата беше пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи.
Додека му реплицираше на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков, Битиќи гледајќи кон пратениците од ВМРО-ДПМНЕ наеднаш го крена прстот и неколку пати повтори:
„Те молам уште еднаш немој да го употребиш тој збор. Уште еднаш немој да го употребиш. Прв и последен пат“, по што ја прекина репликата и видно револтиран се упати кон пратеникот Бојан Стојановски.
Додека траеше кусата вербална пресметка, претседателката на Комисијата, Сања Лукаревска се обиде да интервенира и рече:
„Ве молам. Ве молам да го задржиме нивото на однесување. Ве молам. Ве молам“, а потоа кога изгледаше дека ситуацијата ќе излезе од контрола, извика:
„Не. Ај, пауза десет минути“.
Камерата од седницата потоа се насочи кон групата пратеници каде што беа Битиќи и Бојан Стојановски, но и други кои очигледно спречија посериозен инцидент.
Инаку, Битиќи во репликата рече дека јавниот долг ќе достигне ниво од 70,8 отсто од БДП, со неисплатените одбврски од локалната самоуправа, што не е наведено во фискаланата стратегија. Тој исто така додаде дека ставката за Стоки и услуги е зголемена за цели 15 отсто, а Договорните услуги за 4,9 милијарди денари или за над 80 милиони евра, што очигледно ги изнервира пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои му дофрлија непристојни зборови.