Нема повредени или загрозени македонски граѓани во Казахстан, МНР апелира да останат на безбедно


Фото: Б. Грданоски

Министерството за надворешни работи вечерва соопшти дека според информациите со кои располага базирани врз остварени комуникации, во Казахстан нема повредени или загрозени граѓани на Македонија. Од МНР апелираат нашите државјани да не ги напуштаат безбедните локации, а тие што планирале патување во таа земја, тоа да го одложат.

Во соопштението до медиумите Министерството за надворешни работи вели дека согласно остварените комуникации со дел од македонските граѓани кои во моментов се наоѓаат во Казахстан, тие се безбедни и засега не е регистриран ниту еден наш граѓанин кој е повреден или загрозен.

„Министерството за надворешни работи продолжува континуирано да ја следи состојбата во Казахстан и е во постојан контакт со Амбасадата на Република Северна Македонија во Нур Султан, како и со соодветните институции од земјите во регионот, со цел обезбедување соодветни информации за нашите граѓани. Истовремено апелираме до сите наши граѓани кои во овој момент се наоѓаат во Казахстан да останат на безбедни локации, да не ги напуштаат хотелите и објектите каде што се сместени и да избегнуваат собири на јавни локации. За сите прашања поврзани со безбедноста на граѓаните на Северна Македонија кои во моментот се наоѓаат во Казахстан молиме да се обратите на отворените телефони во нашето дипломатско-конзуларно претставништва во Нур Султан или во Министерството за надворешни работи. За сите наши граѓани кои планираат патување во Казахстан, апелираме да се одложи истото доколку е можно“, се вели во соопштението на македонското МНР.