Нема нови даноци, нема ни прогресивно оданочување, одлучи Владата

Премиерот Ковачевски изјави дека новиот даночен концепт бил донесен по исцрпна дебата во многу сфери од општеството и во неговата основа е праведноста


Фото: Б. Грданоски

 

Се укинува прогресивното оданочување што требаше да почне од 1 јануари и не се предвидуваат нови даноци, ниту зголемување на постојните, објави денеска премиерот Димитар Ковачевски по владината седница на која беше усвоен новиот концепт на даночна реформа.

Со новиот концепт данокот на личен доход останува 10 проценти, данокот на добивка останува 10 проценти, данокот на додадена вредност останува 18, а нема да се оданочуваат ниту каматите на депозитите и штедните влогови.

Овој нов концепт значи ревидирање на даночните ослободувања, проширување на даночната основа и крајно сузбивање на неформалната економија. Со ова, резултатот од новиот концепт ќе биде одржливи и повисоки стапки на економски раст, но и транспаретно управување со јавните финансии што е особено важен услов во оваа најголема економска криза“, рече Ковачевски на прес-конференцијата по владината седница. 

Тој заедно со министерот за финансии Фатмир Бесими го презентираше новиот концепт на даночна реформа. Новата даночна реформа е дел од Стратегијата за реформа на даночниот систем (2021-2025), каде се утврдени главните цели на даночните реформи, поставени во пет приоритети. Целта на новиот концепт на даночна реформа е праведен, ефикасен и модерен даночен систем кој овозможува за стабилни приходи, економски раст и подобри услуги за граѓаните.

Според, Ковачевски, новиот концепт значи ревидирање на даночните ослободувања, проширување на даночната основа и сузбивање на неформалната економија.

Премиерот ги наброја приоритетите во стратегијата. „Како прв приоритет се наведува поголемата праведност во оданочувањето, односно секој да ја исполнува својата општествена обврска и да го плаќа својот праведен удел од данокот.

Вториот приоритет е поголема ефикасност и ефективност на даночниот систем за подобра наплата на приходите, третиот приоритет се однесува на зголемена даночна транспарентност, четвртиот приоритет е подобар квалитет на услугите и петтиот приоритет е еколошко (‘зелено’) оданочување, односно стимулирање на даночните обврзници да го намалат своето однесување и активностите кои придонесуваат за загадување, користење на обновливи извори на енергија.
Нашата визија е да креираме праведен, ефикасен, модерен даночен систем, кој ќе има улога во одржување на здрави макроекономски фундаменти, ќе го поддржи економскиот развој, ќе даде поддршка во општествено корисните процеси, па дури и ќе има корективна улога, како во случајот со зелените даноци“, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека концептот бил направен во инклузивен процес, Министерството за финансии отвори дебата, размена на мислења со експертската јавност, академската заедница, бизнис-заедницата, синдикатите, невладиниот сектор, чинителите на политичката сцена во земјава, како и политичките партии.

„Концептот кој денеска го презентираме содржи повеќе решенија кои произлегоа токму од овие дебати и консултации“, рече Ковачевски.

Подготовката на реформите на даночната политика била направена и во консултација и со меѓународните финансиски институции. Процесот трае веќе подолг период и е во најдобар интерес за граѓаните, стопанството и идниот економски развој на земјата.

Како приоритет во јавните финансии е поставена фискалната консолидација. „Податоците покажуваат дека наплатата на даноците како процент од БДП кај нас, е под процентот на земјите во регионот и е далеку под просекот на земјите во ЕУ и развиените земји.

Само за илустрација, во однос на земјите од Западен Балкан, имаме убедливо најмало даночно оптоварување. Во 2020 година учеството на даночните приходи во БДП кај нас изнесуваше 16,1%, во Црна Гора 23%, Косово 22,3%, Србија 20,1% и Албанија 17,3%“, рече Ковачевски.

Според него, клучната карактеристика овој нов даночен систем е праведноста. Воспоставувањето на праведен и ефикасен даночен систем,  со современи дигитални технологии и иновации во процесот на оданочување бил приоритет.