Нема метан за автобусите на ЈСП? Смислете како попладне ќе се вратите дома

Автобусите на ЈСП кои користат метан како гориво, попладневно најверојатно ќе се исклучат од сообраќај заради проблеми со дотурот на гас.
Утрово во сообраќај беа зглобните автобуси од марката „МАН“, кои најчесто возат на долгите релации кои го поврзуваат источниот со западниот дел на градот, но попладне тие веројатно ќе бидат исклучени поради проблеми со танкањето гориво.
Од ЈСП не излегле со официјална информација, а до сега не одговориле ни на прашањата кои им ги поставивме.
„Утрово некако стигнавте на работа. Како ќе се вратите попладне – мислете. Нема метан“, коментираше еден возач на овие автобуси, утрово.
Граѓаните кои се возат со градскиот јавен превоз коментираат дека и вчера во попладневните часови, автобусите на ЈСП не дошле според возниот ред, односно биле прескокнати еден или два термини.
„Петка чекав 40 минути на станицата кај АМСМ. Дојде дури во 17.20 часот“, вели жена од Аеродром, која секојдневно се вози со автобус до работа и назад.
Вчера пак, од АД ЕСМ соопштија дека систем-операторот за пренос на гас НОМАГАС најави дека оваа година поради ремонтни активности на регионалните транспортни системи за пренос на природен гас и гасоводот „Турски тек“ се очекува од 13 до 17 октомври да има прекин во испораката на природен гас кон потрошувачите во земјава.
„Очекуваме расположливите количини на гас во преносниот систем да бидат доволни за обезбедување квалитетна испорака на топлинска енергија, согласно надворешните температурни услови. Сепак, доколку во преносниот гасоводен систем со кој управува НОМАГАС не се обезбедат соодветни количини, можни се незначителни редукции на испораката на топлинска енергија кои нема значително да влијаат на комфорот на потрошувачите, и тоа само во периодот од 15 до 17 октомври“, а ова соопштение се однесуваше на испораката на топлинска енергија, со оглед на тоа што утре започнува грејната сезона.
Дали ова е причината и автобусите на ЈСП на метан да останат без гориво, од ЈСП не одговорија.(Б.Б.)