Нема интерес за студирање метеорологија, државата може да остане без метеоролози


Фото: Б. Грданоски

Во изминатите две години на студиите по метеорологија студираат само тројца студенти. Доколку овој тренд продолжи, државата ќе се соочи со дефицит на метеоролози бидејќи и во Управата за хидрометеоролошки во наредните пет години голем број од вработените ќе го остварат правото за пензија.

Ограничените вработувања, искуствата од претходните генерации дипломирани метеоролози кои сѐ уште чекаат вработување, недостатокот на стипендирање и неатрактивните студии со мали месечни приходи се само дел зошто младите сѐ поретко избираат да студираат метеорологија.

Д-р Владо Спиридонов, редовен професор по метеорологија на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје, во изјава за МИА вели дека доколку овој тренд продолжи, ситуацијата многу брзо ќе стане загрижувачка.

– Во наредните три до четири години државата ќе остане со само неколку дипломирани метеоролози. Ако не се вработат оние кои долго чекаат вработување и со љубов завршиле метеорологија, ситуацијата ќе биде драматично влошена. Во меѓувреме, ако не се преземат чекори за едукација на нови високо образовни кадри, како и специјални среднообразовани кадри за потребите на оперативната метеорологија неопходни за функционирање на хидрометеоролошкиот набљудувачки систем, ситуацијата на среднорочен и долгорочен план ќе постане алармантна, вели Спиридонов.

Додава дека Институтот за физика при ПМФ отсекогаш давал поддршка за развојот на метеорологијата и дека од 2022/23 година студентите можат да студираат според новата студиска програма за I циклус студии по геофизика-метеорологија или пак да се запишат на некоја од останатите програми (теориска, наставна, применета, медицинска или астрономија).

– Во завршна фаза е и одобрувањето на студиската програма за II циклус студии по метеорологија од страна на Одборот за акредитација така што се надеваме дека интересот за студирање на младите во иднина ќе биде поголем, посочува Спиридонов.

Според него, младите не гледаат перспектива бидејќи сметаат дека се ограничени вработувањата во само мал број институции, првенствено Управата за хидрометеоролошки работи, Центарот за управување со кризи, Метео службата на Аеродромот во Скопје и во медиумите.

Како дел од причините ги наведува и искуствата од претходните генерации дипломирани метеоролози кои чекаат вработување, и по неколку години, а се принудени да работат на други струки.

– Недостаток на финансиски ресурси за студирање, стипендирање, неатрактивни студии со мали месечни приходи, недостаток на организиран и системски пристап, отсуство на координација и кооперативност во однос на потребите за градење на капацитетот и јакнење на кадровскиот дефицит во оваа област и потреба од поголема афирмација и промоција на метеорологијата како стратешка и интердисциплинарна дејност и култура на едно општество се само дел од причините, наведува Спиридонов.

Прашањето, вели тој, е комплексно и неопходен е сеопфатен и современ пристап за подобрување на оваа состојба.

– Постојана координирана институционална активност во насока на промоција на метеорологијата, преку одржување трибини, промоции во средните образовни установи, семинари, обуки, преку социјалните мрежи, научни предавања, практични посети на УХМР, и слични активности, како би се истакнале предностите за студирање метеорологија во време на климатски промени и екстремни временски настани. Исто така, користење на можностите за едукација и обуки во рамките на програмите на Светската Метеоролошка Организација СМО, чија членка е нашата земја, Стратешкото значење на оваа современа гранка, интердисциплинарната примена во општеството и можност за вработување во различни сектори (енергетика, земјоделство, водостопанство, шумарство, здравство, туризам, одбрана, внатрешни работи, осигурување), медиуми и локалната самоуправа, набројува професорот Спиридонов.

Токму ова е наведено и во неговата Визија за развој на метеорологијата во земјава 2020-2024 како платформа за иден развој, модернизација, градење и јакнење на капацитетот во областа на хидрометеороошката дејност. Во неа се опфатени целите, современите трендови и идните предизвици за развој на метеорологијата во 21 век.

Како пример колку е актуелна метеорологијата, Спиридонов ја посочува Австрија.

– Додека бев визитинг професор по метеорологија на Универзитетот во Виена 2017-2019 година, имав 33 студенти на мастер и 18 студенти по метеорологија на додипломски студии и 16 студенти на интердисциплинарни студии кои земаа метеорологија кај мене, вели Спиридонов.

Доколку има иницијатива за поддршка и стимулација на уписот на студенти на овој тип на студии, од МОН ќе ја разгледаат

МИА побара одговор и од Министерството за образование и наука од каде информираа дека во изминатите три академски години, на студиите по геофизика и метеорологија се запишале вкупно четворица студенти.

– Во 2020/21 година немало упис на студиска програма по метеорологија, нема објавени слободни места за таа програма, таа година бидејќи студиската програма била ставена во мирување. Во 2021/22 година на студиската програма по геофизика и метеорологија при ПМФ имало 20 слободни места, а се запишал само 1 студент по метеорологија. Во 2022/23 година на студиската програма по геофизика и метеорологија при ПМФ имало 20 слободни места, а се запишале 3 студенти, велат од МОН.

За претстојната академска година, како што дополнуваат, има повторно 20 слободни места.

– Запишувањето е во тек, конечни податоци МОН ќе има кога ќе завршат сите уписни рокови, наведуваат оттаму.

На прашањето дали планираат да преземат нешто за да ги актуелизираат студиите по метеорологија со цел зачувување на кадарот во струката, од МОН одговорија дека досега не е пристигната иницијатива за поддршка и стимулација на уписот на студенти на овој тип на студии, но, доколку биде доставена, како што наведоа, истата ќе биде разгледана и ќе се донесе соодветна одлука.

Според податоците од Институтот за физика, кои ни ги сподели професорот Спиридонов, во изминатите три академски години на студиите по метеорологија при ПМФ се запишал само еден кандидат и дипломирал и магистрирал, исто така, по еден студент. Во моментов, метеорологија студираат само тројца студенти.

– Оваа година во првиот уписен рок не се запиша ниту еден кандидат, но, претстојат уште два уписни рокови на 18-19 септември и 28 септември, вели Спиридонов.

УХМР: Доколку состојбата не промени може да има дефицит на метеоролози

Од Управата за хидрометеоролошки работи велат дека доколку овој тренд продолжи во иднина, може да се појави дефицит на стручен кадар-метеоролози, имајќи предвид дека во наредните пет години голем број од вработените метеоролози ќе го остварат правото за пензија.

– Во моментов во Управата за хидрометеоролошки работи вработени се 145 лица, од кои 88 се вработени во Скопје, додека, останатите 57 се распоредени во мрежата на метеоролошки станици и радарски центри во другите градови во државата. Тековниот статус на Управата од аспект на образовниот профил, укажува дека приближно околу 35 проценти од вработените се со високо образование, додека 65 отсто со средно или нижо образование. Околу 8 проценти од нив се метеоролози, 2 проценти се хидролози, 4 проценти се останати технички струки, а само 1 отсто припаѓа на кадар од информатичките технологии, појаснуваат од УХМР.

Сегашната кадровска состојба ги задоволува потребите за непречено извршување на тековните задачи на Управата, велат од УХМР, од каде се надеваат дека ќе се зголеми интересот за студирање на метеорологија.

– Согласно информациите од Природно-математичкиот факултет во моментов сѐ уште нема заинтересирани студенти по метеорологија, што не значи дека состојбата нема да се промени во наредниот период. Сепак, се надеваме дека во иднина ќе се зголеми интересот за студирање на овој факултет, со оглед на тоа што метеорологијата е наука која во времето на евидентните климатски промени и зголемената честина на екстремни временски и климатски настани е сѐ поактуелна и ги зафаќа сите сфери на општественото живеење, велат од УХМР.