Нема алкохол навечер – европска земја планира строги мерки


Полска има намера да воведе забрана за продажба на алкохолни пијалоци во продавниците навечер за да го ограничи пиењето, да го намали криминалот и да го спречи развојот на болести поврзани со алкохолот

Предлогот доаѓа откако градот Варшава не успеа сам да воведе вакви ограничувања.

Коалициските партнери на премиерот Доналд Туск поднесоа законски предлози кои вклучуваат широки ограничувања: забрана за рекламирање алкохол и забрана за продажба на овие пијалоци без лиценца од 22 до 6 часот. Исто така, се предлага да се ограничи прометот на бензинските пумпи и преку интернет, пишува „Политико“.

Во образложението се наведува дека овие мерки, во согласност со препораките на Светската здравствена организација (СЗО), се меѓу најефикасните алатки за спречување на болести поврзани со алкохолот. Исто така, се забележува дека Латвија презеде слични мерки во август. Според податоците на Евростат од март, Полска е рангирана меѓу членките на Европската Унија со највисока стапка на смртност поврзана со алкохолизам, таа беше втора по бројот на смртни случаи поврзани со алкохол во 2022 година, веднаш зад Словенија.

Притисок по неуспехот во Варшава

Притисокот за воведување на забраната на национално ниво доаѓа откако слични планови не успеаја во Варшава, бидејќи предлогот не помина во градскиот совет. Советниците се побунија против предлогот на градоначалникот Рафал Чашковски, тврдејќи дека мерките се премногу ригорозни и ги загрозуваат граѓанските слободи. Чашковски, сепак, изјави дека ќе продолжи да се обидува да воведе забрана. „Политико“ наведува дека мерките не биле изгласани и покрај големата поддршка од локалното население на Варшава, како што покажуваат анкетите.

Јана Вича, пратеничка од левицата, изјави за Политико дека на многу локални самоуправи честопати им недостасува решителност и храброст да ја забранат продажбата на алкохол навечер.

„Ова бара забрана од горе надолу“, рече таа, алудирајќи дека поддршката на Туск би можела да помогне во спроведувањето на идејата.

Јавните консултации се во тек, а се очекува парламентот да започне да работи на предлозите кон крајот на октомври или почетокот на ноември.

На крајот на 2023 година, во Полска имало речиси 119.000 продавници кои продавале алкохол, од мали продавници до големи синџири и бензински пумпи кои работат 24 часа, соопшти полското Министерство за здравство. За споредба, Шведска има една продавница за алкохол за приближно 11.000 луѓе, додека Полска има една за секои 320.

Околу 180 полски општини веќе применуваат некаков вид ноќен полициски час, вклучувајќи го и Краков. Во Варшава, пробни забрани беа усвоени само во две од 18 области, што критичарите го сметаат за неефикасно. Сепак, таму каде што забраните беа на сила, полициските извештаи покажуваат позитивни ефекти: помалку криминал, побезбедни улици и помалку пациенти во одделенијата за итни случаи.

– Би сакал локалните самоуправи да го следат примерот на оние кои постојано се обидуваат да се спротивстават на ефектите од она што го нарекувам „либерален алкохолизам“. Особено во големите градови, присуството на пијани луѓе доцна навечер во близина на куќи или во центарот на градот е сè друго освен пријатно – изјави неодамна Туск.

Според нацртот, националната забрана за продажба на алкохол би била од 22 часот до 6 часот наутро, со можност локалните власти да го продолжат ограничувањето на периодот од 21 часот до 9 часот наутро. Исто така, би било задолжително да се проверува возраста на клиентите при секое купување. Потрошувачката на чист алкохол по жител во Полска била 8,8 литри во 2024 година. Податоците на СЗО покажуваат дека Полјаците пијат повеќе од просекот во ЕУ.