Некои во Бугарија не сакаат интерконекторот во Грција да успее, вели американски дипломат

Американскиот амбасадор во Грција, Џефри Пајат, вели дека станува очигледно оти постојат сили во Софија кои не сакаат да успее гасниот интерконектор меѓу Грција и Бугарија. Пајат тоа го изјави во интервју за Viadiplomacy.gr. Во овој интерконектор за течен гас и гасна централа во Александропулис свои средства вложи и Македонија за да го диверзифицира своето снабдување со енергија.
Во интервјуто Пајат го спомена говорот на американскста амбасадорка во Софија Херо Мустафа на Петтиот енергетски форум за Југоисточна Европа, одржан во Солун на 10 септември. Мустафа, како што наведува сајтот, рекла:
„Енергетската безбедност е и национална безбедност. Ако Бугарија успее да ги диверзифицира своите извори на енергија, тоа значи посилна Бугарија, многу посилен регион. Интерконекторот Грција-Бугарија (ИГБ) е најважното нешто што можеме да го направиме во следните месеци за регионот, затоа што е многу важен за диверзификација на изворите на енергија и ослободување од нејзината зависност од Русија“.
Во интервјуто Пајат вели:
„Русија веќе создава проблеми. Слушнавте како зборува Херо Мустафа на Петтиот енергетски форум за Југоисточна Европа за интерконекторот и јасно е дека има сили во Бугарија кои не сакаат тој да успее“.
Амбасадорот на САД во Грција го коментираше и зголеменото американско присуство во пристаништето Александрополис во североисточна Грција.
„Ја видовте економската и психолошката трансформација како резултат на нашето зголемено присуство таму. Задоволни сме од управувањето со пристаништето во третата успешна година, главно благодарение на присуството на американската војска”, рече Пајат.
Тој рече дека летово, за прв пат, имало два американски брода во пристаништето, за прв пат железничкиот транспорт бил искористен за пренос на американски делови, а за прв пат, резервоар беше натоварен на брод. „Тоа е како на Олимписки игри, ја креваме летвичата сѐ повисоко и повисоко“, вели Пајат.
Пајат за сајтот изјави дека најголемиот број авиони и хеликоптери на САД ќе пристигнат во пристаништето во ноември.