Недоизбраните градоначалници до лакти се закопаа в ѓубре
Градоначалниците во Скопје кои не освоија нов мандат, па ќе треба на мегдан да излезат за две недели, во вториот круг од локалните избори, мака мачат со ѓубрето низ Скопје.
Со денови, ако не и недели, ЈП „Комунална хигиена“ не ги празни контејнерите, а околу нив има собрано планини отпад. Оваа слика нема скопјанец што не ја гледа секое утро, но и навечер по скопските улици. Ама чаре – нема! Инцидентно, по некој контејнер ќе видите дека е испразнет, но веќе следниот ден е полн, а околу него никнува нова планина смет.
Затоа, градоначалникиот на Центар, Горан Герасимовски денеска излезе на терен заедно со хигиеничарите од општината и го расчистуваше отпадот околу контејнерите. За самите контејнери ниту има механизација, односно соодветен камион за да го испразни, ниту има надлежност.
Герасимовски повика да се свика и итна седница на ЗЕЛС, чиј претседател е Орце Ѓорѓиевски, кој пак од позиција на кандидат за градоначалник на Скопје, ветува дека Скопје ќе го исчисти за 72 часа, но за тоа ќе треба да почекаме да заврши вториот круг на локалните избори закажан за 2 ноември и да видиме дали од битката со Амар Мециновиќ ќе излезе како победник.
По неговиот пример тргна и колегата од Аеродром, Дејан Митески, кој брка прв мандат, откако нему му се падна да го заврши оној на избраниот Тимчо Муцунски. И механизацијата на Аердром денеска е на терен, се дуваат лисја, се собира кабаст отпад, се празнат кантите за џебни отпадоци…
Градоначалниците на Карпош и на Шуто Оризари не се пофалиле со некои акции денеска за собирање на ѓубрето.
Актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска денеска повторно ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека поради нивниот кадар во ЈП „Комунална хигиена“ камионите не излегуваат на терен да си ја завршат работата.