Неделава почнува издавањето на домашната платежна картичка за над 324 илјади граѓани


Над 324 илјади граѓани почнувајќи од оваа недела, па се до 18 јули ќе ја добијат домашната платежна картичка со паричен износ кој ќе може да го искористат за купување на домашни производи до 15 август, најави денес на прес конференција министерката за финансии Нина Ангеловска.

Граѓаните од денес преку интернет страницата www.kupuvamdomasno.gov.mk ќе може да проверат дали се на списокот на оние кои ги исполнуваат критериумите за оваа мерка која ја донесе Владата како дел од третиот сет мерки за поддршка на економијата. На овој начин, во економијата ќе се слеат 27,8 милиони евра кои ќе ја поттикнат потрошувачата и домашното стопанство, рече Ангеловска.

Картичките ќе ги добиваат преку девет банки кои за таа цел ќе ги известат граѓаните кога и каде може да ја примат, дали ќе им биде испорачана на домашна адреса или во некоја од специјално наменети експозитури. Ангеловска објасни дека финансиската поддршка корисниците ќе ја добијат едноставно и без постапки за аплицирање.

„Домашната платежна картичка ќе има препознатлив слоган „Купувам домашно“ и ќе ја издаваат банките. Со внесување на својот ЕМБГ секој граѓанин на интернет  страницата kupuvamdomasno.gov.mk. ќе може да го провери износот кој му следува и да добие информација за банката издавач која ќе му ја издаде картичката“, рече Ангеловска.

Министерката Ангеловска објасни дека граѓаните се поделени во четири групи. Во првата група се 113.927 граѓани кои ќе добијат по 9.000 денари, а во оваа група спаѓааат лица со низок доход, приматели на социјална помош и активни баратели на работа, кои во минатата година немале поголеми приходи од 180 илјади денари, или годинава од јануари до април не повеќе од 60 илјади денари според податоците на УЈП.

Во втората група се околу 117 илјади лица кои ќе добијат по 3.000 денари, односно граѓани кои се во работен однос, но чии примања во првите 4 месеци не надминуваат 60 илјади денари. Овие лица ќе добијат и ваучер од 6.000 денари за поддршка на туризмот, што ќе оди преку Министерството за економија.

Во третата група се 87.014 лица, станува збор за млади од 16 до 29 години кои се дел од државното образование и кои ќе добијат финансиска поддршка по 3.000 денари.

Во четртата група се 4.394 здравствени работници кои ќе добијат по 40 отсто од последната нето исплатена плата.

Домашната платежна картичка ќе ја издаваат Стопанска Банка-Скопје, НЛБ, Комерцијална банка, Халк Банка, Шпаркасе банка, Охридска банка, УНИ банка, Централна Кооперативна банка и Силк Роуд банка.

Ангеловска објасни дека граѓаните кои имаат една трансакциска сметка кај банка издавач на картичката ја добиваат од таа банка. Граѓаните кои имаат две трансакциски сметки, картичката ја добиваат од банката преку која добиваат плата или социјална помош. Оние граѓани пак, кои имаат трансакциска во банка која не е дел од проектот и граѓаните кои немаат трансакциска сметка се распределени кај една од банките според принцип на фер распределба.

Најмногу картички ќе издадат Стопанска банка и НЛБ, по над 100 илјади секоја. Домашната платежна картичка ќе може да се користи за купување македонски производи и услуги во ресторани, кафулиња, брза достава, хотели, одмаралишта, сместувачки капацитети, туристички агенции, трговија на мало продавници за храна и пијалоци, зелени пазари, аптеки и фризерски салони и салони за разубавување, рече Ангеловска.

Таа додаде дека продавниците ќе треба да обезбедат обележани гондоли-рафтови со ознака „КУПУВАM ДОМАШНО”. Со картичката може да се плаќаат македонски производи и услуги на физички и онлајн локации на деловни субјекти кои вршат одредените дејности, но не може да се вади готовина од банкомат, да се плаќа надвор од земјата, да се префрлаат средства кон други сметки.

Картичката ќе биде поврзана со наменска сметка, а за истата граѓаните нема да имаат никакви трошоци, односно нема да плаќаат надоместоци за издавање, водење, управување до крајот на 2020 година, членарина првата година и нема да плаќаат за затворање на сметката и картичката на барање на лицето корисник.

(М.Ј.)