Неда Радњанска: Вашата лозинка е клучот, а мТокен е алармниот систем, кој дополнително ги штити вашите финансии

Од 1 март, интернет плаќањата со картичка се потврдуваат со единствен безбедносен код генериран преку бесплатната апликација мТокен, наместо како досега со СМС код


Со цел унапредување на безбедноста на онлајн трансакциите Комерцијална банка воведува нов начин на потврда на интернет плаќањата со картичка, со кој обезбедува уште поголема заштита на паричните средства на клиентите. Од 1 март, интернет плаќањата со картичка се потврдуваат со единствен безбедносен код генериран преку бесплатната апликација мТокен, наместо како досега со СМС код.

Зошто ви користи мТокен и како функционира ја прашавме Неда Радњанска, Раководител на одделение за платежни сметки за физички лица во Комерцијална банка. 

 

Што е мТокен и зошто постои? Како би го објасниле мТокен на едноставен начин?

мТокен е бесплатна дигитална алатка, која уште во 2022 година ги замени физичките токени и служи за потврда на идентитет при вршење онлајн трансакции. Тој е всушност безбедносна дигитална алатка која потврдува дека навистина вие ја извршувате трансакцијата.

Достапен е 24/7 преку вашиот мобилен телефон, така што немате потреба да носите со себе друг уред за дигитална идентификација. Тој е втор фактор за автентикација или потврда на идентитет, достапен преку вашиот мобилен телефон.

мТокен е вграден во мобилната апликација мБанка, која исто така е бесплатна и достапна за преземање преку Google Play, AppGalery и App Store.

Зошто постои? Заради вашата безбедност. Тоа е стандард во сферата на дигиталните финансиски услуги – денес плаќаме, префрламе пари и управуваме со сметките онлајн, а таму безбедноста е клучна.

 

Од 1 март мТокен стана единствена алатка за потврда на онлајн трансакции со картичките на Комерцијална банка. Која е главната причина за овој новитет?

Покрај практичниот момент на брза и лесна достапност на дигиталниот уред, главната причина за воведување мТокен е додадената безбедност и грижа за вашите финансии.

Исто така, една од причините за негово воведување е секако и усогласувањето со законските правила и светските стандарди за засилена сигурност при онлајн плаќања.

Всушност потврдувањето на онлајн трансакциите со картичките, кое до сега се правеше со код добиен преку СМС (т.н. 3D Secure), од 1 март ќе се врши преку мТокен (современ и безбеден механизм), што е во согласност со барањата за засилена автентикација. Мобилниот токен не е комплицирање на работите, туку дигитален чувар на вашите пари. Тој ги гарантира безбедноста на трансакцијата, износот и продажното место.

 

Колку мТокен придонесува за заштита од злоупотреби и неовластени трансакции?

Замислете дека вашата лозинка е клучот, а мТокен е алармниот систем, кој дополнително ги штити вашите финансии. мТокенот штити од злоупотреби и неовластени трансакции преку повеќе слоеви на заштита: врзан е само за еден уред, генерира уникатен код кој важи неколку секунди, користи биометриска заштита (отпечаток од прст, препознавање лице) или PIN код.

Во светот на безбедноста ова се нарекува двофакторска или засилена автентикација. Таа се заснова на користење на најмалку два од следните три независни елементи: „знаење“– нешто што само вие го знаете (лозинка или ПИН), „поседување“ – нешто што го поседувате (мобилен уред, токен или платежна картичка), „својство“ – нешто што е карактеристично само за вас (биометриски податоци, како отпечаток од прст или препознавање лице). Само кога најмалку две од овие нешта ќе се совпаднат, трансакцијата ќе може да се изврши.

Без најава со биометриска заштита или со ПИН и без кодот кој се генерира преку мТокен, трансакцијата не може да се заврши. Така, дури и ако некој ја дознае вашата лозинка за најава на електронско банкарство, без вашиот мобилен уред и заштитата што ја имате за него (ПИН или биометриска заштита) не може да направи ништо за да ги злоупотреби вашите средства.

 

Некои граѓани се плашат дека дигиталните алатки се комплицирани. Колку е навистина едноставно користењето мТокен?

Стравот од дигиталните новитети и технологијата е разбирлив и сосем природен. Но, со напредокот на технологијата и бенефициите кои таа ни ги носи во секојдневието, се зголемува и ризикот од злоупотреби во дигиталниот простор. Затоа мТокен е тука за да ги направи вашите финансии безбедни.

мТокен функционира многу едноставно:

  • Влегувате во апликацијата мТокен со ПИН или со отпечаток од прст или со Face ID и ја потврдувате онлајн трансакцијата.
  • Достапен е за сите уреди: Android, iOS и Huawei.
  • Се активира еднаш, а генерира неограничен број уникатни кодови кои потврдуваат дека вие ја правите трансакцијата.

 

Во кои ситуации клиентите најчесто го користат мТокен во секојдневното банкарство?

мТокенот најчесто се користи за трансакции на далечина:

  • Потврда на онлајн трансакции (купување авионски билети, резервации, облека, плаќање сметки и услуги и друго) со картички
  • Секојдневни брзи трансфери и плаќање сметки
  • Најава на електронско банкарство (Интернет банка)
  • Промена на лимити на картички
  • Ажурирање лични податоци
  • Аплицирање за нови производи

мТокен не е само алатка за плаќање, тој е безбедносниот систем во вашиот дигитален екосистем. Тој ви овозможува да управувате со вашите финансии побезбедно со еден клик повеќе.