Обвинителството се вади на МВР и АНБ по гневот во јавноста за куќниот притвор на Груби
Објаснувањата на обвинителството и да се точни се неубедливи. Во јавноста се коментира дека тоа е договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ
По големата бура во јавноста по одлуката поранешниот вицепремиер Артан Груби да оди во куќен притвор наместо затворски, Јавното обвинителство на Македонија даде објаснување зошто се одлучило на таков предлог. Главната причина била неможноста да се гарантира безбедноста на Груби во „Шутка“, а тоа го сугерирале МВР и АНБ. Артан Груби вчера ѝ се предаде доброволно на полицијата на граничниот премин „Блаце“.
За Обвинителството од исклучителна важност е овој осомничен да биде обезбеден и за него да продолжи кривичниот прогон за сомненијата за сторено кривично дело.
„Јавното обвинителство како единствен и самостоен орган при одлучувањето и предлагањето на мерките за обезбедување во сите случаи се води исклучиво од законските основи. Во однос на реакциите на јавноста во врска определената мерка за обезбедување – куќен притвор за еден од осомничените во предметот ‘Државна лотарија’, обвинителството нагласува дека, согласно Законот за кривична постапка, мерката куќен притвор, особено кога се реализира со 24-часовен надзор, е исто така притворска мерка, која не се издржува во затворски услови само затоа што постојат специфични услови за тоа.
Таквите услови во конкретниот случај беа исполнети, бидејќи по проценка на надлежните органи – МВР и АНБ, постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на овој осомничен. Деталите во однос на ваквите загрозувања беа презентирани пред судијата на претходна постапка.
За обвинителството од исклучителна важност е што овој осомничен е обезбеден и за него продолжува кривичниот прогон за сомненијата за сторено кривично дело – Проневера во службата од член 354 од Кривичниот законик. За него беше спроведена финансиска истрага и се обезбедени најголемиот дел од потребните докази, во кои одбраната веќе врши увид.
Надлежните јавни обвинители во предметот постапуваат одговорно и во согласност со законските надлежности. Јавното обвинителство го разбира интересот на јавноста за овој предмет, но апелира за воздржаност на коментарите во однос на легитимно донесените јавнообвинителски одлуки за да се овозможи ефикасна и правична постапка“, порачуваат од Обвинителството.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак изразија „разбирање“ на револтот на граѓаните од одлуката за куќен притвор користејќи ја и оваа прилика да ја споменат довербата во правосудните органи од наводно 2 отсто, која им служи за притисок врз нив.
„Го разбираме револтот на граѓаните од одлуката на правосудните органи со 2 отсто доверба од граѓаните за случајот со Артан Груби. Тоа незадоволство доаѓа по 7-годишна агонија на правосудните органи кои беа под политичка тортура и притисок на криминалната банда СДС-ДУИ и серија неказнивости за политичарите, кои од просечно ситуирани граѓани станаа олигарси на грбот на граѓаните. Тоа време заврши, а криминогениот и до гуша во афери Артан Груби ќе одговара. Извршната власт во овој случај има обврска да го обезбеди бегалецот пред органите на правдата и тоа МВР го направи.
Што се однесува до лицемерието на СДС, тоа се гледа и во фактот што до вчера велеа дека власта го пуштила да избега, а од денес велат дека е договорено неговото обезбедување пред органите на прогонот. Вистината е дека Артан е ортак во криминалите на Заев, Филипче, Спасовски и сите заедно ќе одговараат. Судскиот процес за Артан почнува, а допрва ќе почне и за сите негови ортаци“, се заканија од ВМРО-ДПМНЕ со нови судски процеси, како тие да го водат или ќе го водат правосудството.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска на прес-конференција уште доаде дека „СДС се исплаши до срж, затоа што не знаат што се Груби може да каже. Дали имаат страв дека неговиот исказ ќе оди до поранешен претседател на СДС и премиер на Македонија? Затоа ли вртеа по телефони интересирајќи се за исказот на Груби?“.
За СДСМ, пак, одлуката за куќен притвор за Груби е „уште една силна потврда за дилог ВМРО-ДУИ“.
„Правната држава е погребана. Сè е однапред договорено и режирано. Куќен притвор за лице кое веќе еднаш избегало од државата и за кое веќе имало одредено мерка притвор. Затоа го сменија јавниот обвнител, избраа судии и обвинители под нивна контрола. Сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет, советник на Мицкоски во Уставниот суд, сопруга на поранешен заменик-министер на ВМРО избраа за в.д обвинителка.
Власта има целосна контрола врз обвинителството и судството. Одлуката за куќен притвор ја носи обвинител под Скопското обвинителство каде што за шеф пред само еден месец е избран Анел Фидоски. Јасно е што се случува. Дилот ВМРО–ДУИ се реализира пред очите на јавноста и му донесе куќен притвор на Груби. Прашањето што останува е само што ќе добие сега ДУИ за возврат“, коментираат од СДСМ.
Оттаму уште додоа: „Министерството за внатрешни работи, раководено од Панче Тошковски од ВМРО-ОКГ, и Агенцијата за национална безбедност, раководена од Бојан Христовски исто така од ВМРО-ОКГ, дале проценка дека Груби не бил безбеден‚ во ‘Шутка’, па затоа предложиле куќен притвор.
Кои обвинители постапуваа во предметот и кој го предложи куќниот притвор за Груби? Предметен обвинител е Даниел Коцев, а негов шеф на скопското обвинителство е Анел Фидоски, кој беше избран на оваа функција на 20 јануари 2026 година. На кого веќе ова сценарио не му е јасно? Два месеци говориме за ова“.
Силни се и реакциите во јавноста. Генералниот впечаток е дека доаѓањето на насмеаниот Артан Груби на границата е дел од некаков договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
Левица обвини дека одлуката за определување куќен притвор за Артан Груби претставува „прв конкретен резултат од кадровската политика на ДПМНЕ во обвинителството“ и доказ за, како што наведуваат, политички влијанија врз правосудниот систем.
Од партијата посочуваат дека лице кое 14 месеци било недостапно за органите на прогонот, наместо да добие построга мерка поради ризик од бегство, добива поблага мерка.
„Во правна држава ваква околност води кон засилување на притворот, кај нас води кон негово олеснување“, наведуваат од Левица.
Партијата изразува сомнеж и поради, како што велат, различните образложенија во краток временски период. Според нив, првично било соопштено дека во притворот се гарантираат услови и безбедност како и за секој друг притвореник, а потоа Обвинителството се повикало на „индиции“ за загрозена безбедност како основ за замена на мерката со куќен притвор.
Левица ја лоцира одговорноста во обвинителскиот систем со кој раководи в.д. државниот јавен обвинител Анита Тополова-Исајловска, за која наведуваат дека важи за фаворит на ВМРО-ДПМНЕ за иден републички јавен обвинител. Во соопштението се споменува и нејзината улога во предметот „Талир“, поврзан со финансирањето на партијата.
Од партијата го споменуваат и новиот шеф на скопското јавно обвинителство, Анел Фидоски, наведувајќи дека во минатото со преквалификација во завршна фаза бил овозможен застој во случај од висок јавен интерес.
Поранешниот претседател на Кривичниот суд и судија во Одделот за организиран криминал, Владимир Панчевски, наведува дека во својата кариера судел тешки криминалци и трипати бил притворан, како што тврди, „по налог на Зоран Заев“, без притоа да побара посебна заштита или да се повика на личната безбедност.
„Во Шутка ме ставаа и вадеа по налог на Зоран Заев трипати и ниту еднаш не побарав заштита или се повикав на мојата сигурност и безбедност! Македонија е држава со двојни стандарди“, пишува Панчевски, прашувајќи „од народот ли се плаши Артан Груби“ и додавајќи реторички прашања за односот на институциите кон осомничените во предмети од висок профил. Тој упатува критики и кон вршителката на должноста јавен обвинител, оценувајќи дека со одлуките во конкретниот случај ја „обезвреднила обвинителската тога“ и поставува прашање дали таа треба да биде избрана за државен обвинител.
Јане Ченто, еден од осудените за нападот во Сообраниетo на 27 април 2017 година објави пост на социјалните мрежи во кој вели:
„Артан Груби во куќен притвор, јас 28 месеци во притвор. Мене ми наместија предмет дека сум го прекршил куќниот притвор и ме вратија во Шутка по само 20 дена дома. Со камери во мојот дом докажав дека сум бил дома. Докази имаше. Снимки имаше. Од МВР тврдеа спротивно – и никому ништо, помина нивното. Пет и кусур години ме влечеа по судови за нешто што знаеа дека не постои. На крај – правосилна пресуда во моја корист. Вистината исплива. Но, изгубеното време, притисоците, понижувањето, кој ќе ги врати? Кога ќе ги гледам денешните правосудни аршини, не можам да премолчам. Правдата во оваа држава очигледно не е иста за сите“, напиша тој.
Реагираше и адвокатот Јанаки Митровски:
„Следен пат кога за обичниве маченици кои ги застапуваме ќе се бара притвор, особено на неосудувани, или нема да се прифаќа гаранција, нема да бидам препознатливо борбен. Има да ГРИЗАМ!!! Абе, гол ќе се соблакам и нема да тренирате строгост на обични смртници кога на оние кои ја покрадоа државава пиперевка им играте!!!“
Генерално, на социјалните мрежи коментарите се дека овој случај е дел од договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а резултатите од него допрва ќе се гледаат. (Н.В.)