„Не сме туристи, ни мигранти“: Камионџиите ги блокираа граничните премини во регионот
Превозниците од Западен Балкан почнаа да го блокираат патниот транспорт на товарните премини поради ограничувањето на нивниот престој во Шенген зоната
Сите десет гранични премини во држата од денес на пладне се блокирани за било каков товарен сообраќај, освен за превоз на лекови и други материјали наменети за болниците, потоа жива стока, експлозив и муниција, откако македонските транспортери го активираа протестот кој е предупредување за најавениот електронски систем за влез и излез во Европската унија.
Протестот има регионален карактер, бидејќи во исто време беа блокирани и граничните премини во Србија, Босна и Херцеговина и во Црна Гора. Превозниците од земјите од Западен Балкан почнаа да го блокираат патниот транспорт на товарните премини поради несоодветната реакција на Европската комисија и земјите од Шенген зоната во врска со третманот на професионалните возачи и ограничувањето на нивниот престој во Шенген зоната за време на секојдневните работни активности.
Блокадите имаат поддршка и од Владата, која се обидува да најде решение за надминување на проблемот, кој не е нов, но сега со новиот ЕЕС систем за електронска евиденција за престој во земјите на ЕУ, добива нова димензија.
Како што изјави Билјана Муратовска од здружението на транспортерите „Макамтранс“, тешките товарни возила ќе направат блокада на излез од државата, а вечер во 24 часот ќе има блокада за влез во државата.
„Ќе се пропуштаат само патничките возила, автобусите и доколку се појави превоз на лекови и други материјали што се за болниците, жива стока, експлозив и муниција. Сѐ друго ќе чека заедно со нас толку колку што ќе траат блокадите“, рече Муратовска на граничниот премин Блаце.
Таа се надева дека од Европската унија ќе имаат разбирање, затоа што не се работи само за македонските превозници, туку за четири држави од Западен Балкан со кои што покажуваат какко може да се прекине синџирот на снабдување. Таа вели дека поддршка добиле и од турските превозници со тоа што нема да одат преку алтернативни патишта, туку ќе застанат на границите и ќе чекаат до тогаш додека не завршат протестите.

Таа појасни дека превозниците протестираат како предупредување поради тоа што од 10 април годинава ќе започне електронско евидентирање на времето за престој во Шенген зоната, односно возачите како и сите други граѓани ќе може да престојуваат најмногу 90 дена во Шенген зоната во рок од 180 дена, или три месеци во рамките на шест месеци.
„Се протестира затоа што ова правило кога започна да важи пред 17 години се однесуваше само на пет-шест држави од Шенген зоната. Со текот на времето се зголемуваше бројот на држави кои што влегуваа во Шенген зоната. Во минатата година веќе има 29 држави, односно за секое излегување од нашите држави влегуваме во Шенген просторот; и второ, професијата професионален возач не е турист, не е мигрант, туку е вработен во сопствената држава, возилото е регистрирано во сопствената држава, и едноставно може да кажеме дека ЕУ на овој начин сака да нѐ запре да работиме“, вели Муратовска.
Таа додаде дека иако со секоја држава има билатерални спогодби во областа на превозот кои што дозволуваат пристап на нивна територија, односно или се разменуваат реципрочни дозволи или постои либерален превоз, сега практично сето тоа се отфрла.
„Воопшто нема економска оправданост да се вработуваат по два возачи на едно возило, затоа што еден возач треба три месеци да седи, да прима минимална плата, а другиот да вози и обратно. Такво нешто не им одговара ниту на возачите, ниту на превозниците“, нагласи Муратовска, додавајќи дека ако веќе има спогодби за слободен пазар, за достапност, за движење на луѓето, зошто да се прави на овој начин.
Таа смета дека станува збор за огромна дискриминација која што се прави кон патниот превоз затоа што регулативата на ЕУги ослободила од броење на денови за престој сите други видови на превоз – бродскиот, железничкиот и авио превозот.
„Значи и ние како превозници треба да имаме ист третман“, вели Муратовска.
За сега нема сигнали од ЕУ дека проблемот ќе се надминесега, но сепак се надева дека же се најде решение.
„Блокадите ги правиме пред време. Има простор уште два-три месеци. Поентата е не е да го заглавиме сопственото стопанство, туку да покажеме што ќе се случи во еден период од седум дена, што се просечен број денови за завршување на еден циклус на превоз. Кога ќе се запре, вклучувајќи ги и Турците, станува збор за над еден милион тони стока која што оди или доаѓа наваму, што значи дека ќе почувствуваат сите“, вели Муратовска.

На прашањето што доколку нема никаков одгвоор о ЕУ, односно дали во тој случај блокадите кои се предвидени да траат седум дена, ќе продолжат, Муратовска одговори дека тие не може да стојат со месеци, ниту пак целта е да се нанесе штета на производителите, трговците или на граѓаните. „Тогаш ќе се бараат други алтерантивни рамки“, додаде таа.
Блокадата, како што нагласи, е сигнал, порака, што може да се случи доколклу ЕУ не отстапи од правилата кои сега се во сила.
„А во април, ако нѐ ни одобрат, нема да мора да протестираме, камионите ќе стојат, нема да има кој да ги вози, дури тогаш ќе видат што значи ова“, рече Муратовска.
Вицепремиерот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски беше денеска на граничниот премин Блаце за да им даде поддршка на транспортерите во негови и во име на Владата. Тој смета дека протестот е навремен со цел да се искористат февруари и март и земјите членки на Шенген зоната да изнајдат решение.
„Во принцип, имаат три решенија. Првото е да се одложи примената на новиот електонски систем за превозниците, второто е да се зголеми бројот на денови кои што може да ги поминуваат во Шенген зомната најмалку на 250 денови соодветно поделено во циклуси, од сегашните 180 односно 90 плус 90 дена; и третото е професионалните возачи и превозници да не се третираат како туристи туку како професионалци и врз основа на тоа или да бидат исклучени од овие правила или соодветно со работни визи како што во моментот прави само Швајцарија, односно тоа да се уреди и на тој на чин слободно да може да транзитираат низ земјите од Шенген зоната“, истакна Николоски.
Се спротивно, спотед него, ќе има големи последици и за македонската и за регионалната, но и за европската економија.
„Најголемиот дел од странските инвестиции и во Македонија и во регионот се од земји членки на Шенген зоната и на ЕУ, тие овде најчесто произведуваат полупроизводи кои ги извезуваат во сопствените земји за да произведат финален производ. Да не зборувам за земјоделските производи, за транзитот, за она што го произведува Грција и што исто така оди на север и за главниот трговски коридор во цела ЈИ Европа, а тоа е Коридорот 10 кој е економски крвоток на целиот регион“, рече Николоски додавајќи дека апелира да се разгледа уште еднаш од страна на ЕУ, како и дека протестот на превозниците е моќна порака која е испратена од земјите од Западен Балкан која гласно ќе одекне.
Тој посочи дека за проблемот се предупредува повеќе од една година и дека за него било зборувано со претставници на ЕК, но досега немале слух.
„Мислам дека по ова ќе имаат слух и дека ќе најдат решение со цел да не запре ниту македонската ниту регионалната економија, а и да нема послеици по европската економија“, вели Николоски.
Тој додаде дека во петокот зборувал со министерот за транспорт на Грција, без оглед што таа не е дел од Западен Балкан, но е директно афектирана, а во среда ќе оди во Загреб на средба со министерот за транспорт и вицепремиер на Хрватска, како и дека ќе се обиде да искомуницира и со останатите земји за да може да се направи дополнителен притисок.

Инаку, освен во Македонија, транспортетите протестираат ов Србија, Босна и Херцеговина и во Црна Гора.
Танјуг јави дека во Србија, според податоците на Деловното здружение на превозници на товар во меѓународниот патен сообраќај „Меѓународен транспорт“, блокадите започнаа на премините: Батровци, Шид, Нештин, Бачка Паланка, Богоево, Бездан, Бачки Брег, Келебија, Хоргош, Српска Црна, Ватин, Ѓердап, Градина, Прешево, Калуѓерово, Вршка Чука, Стрезимировци, Кончуљ, Брњак, Јариње и Мердаре.
Тие истакнуваат дека прекинот подразбира запирање на понатамошниот развој на транспортот на влезните и излезните товарни терминали на поголемите гранични премини, односно запирање на движењето на товар на патиштата што водат кон помалите гранични премини или на влезните товарни ленти на овие помали премини. Превозниците најавуваат дека нема да го прекинат протестот додека не се реши проблемот, но додаваат дека во договор со другите колеги, донесена е одлука лековите, живите животни, муницијата и експлозивите да имаат непречен премин за време на протестот.
„По речиси две години постојани апели за конструктивно решение на проблемот со ограничениот период на престој на професионалните возачи на шенгенската територија, кои беа испратени до Европската комисија, ве информираме дека нема позитивни случувања и дека сите земји од Шенген зоната сè уште имаат право да ја преименуваат секојдневната работа на професионалните возачи за управување со возило на патиштата низ Европа во ‘престој на шенгенската територија’ и да го сметаат секој престој подолг од 90 дена во 180 дена за нелегално однесување на возачот“, се наведува во соопштението.
Главниот координатор на Конзорциумот „Логистика БиХ“, Велибор Пеулиќ, вели дека БиХ, како и земјите од регионот, ќе се соочат со голем предизвик и дека синџирите на снабдување ќе бидат нарушени. „Доколку ЕУ остане цврсто решена и ако Европската комисија каже дека БиХ не може да има свои домашни превозници, максимумот на кој БиХ може да смета е до една третина од капацитетот до крајот на оваа година. И тоа само затоа што возачите имале документи од Хрватска“, рече Пеулиќ во гостувањето во утринската програма на РТРС.
Тој истакна дека во моментов една третина од сите капацитети на економијата на Република Српска и Федерацијата не можат да ги исполнат задачите за транспорт во ЕУ. „Денес сакаме да кажеме: ЕУ блокираше една третина од сите капацитети на нашите домашни превозници“, е јасен Пеулиќ.
Тој додаде дека заедно со своите колеги од Србија, Македонија и Црна Гора, веќе 14 месеци се обидуваат да ги искористат сите можни варијанти за разговор. „Немаме ништо против системот ЕЕС, потребно е само професионалниот возач да биде означен како професионален возач. Тој има договор за вработување и сите дозволи“, објаснува Пеулиќ, истакнувајќи дека ниту еден од професионалните возачи не побарал азил во земјите од ЕУ и никој не е барател на азил.
Што е блокирано во Македонија:
Граничните премини кои се блокирани се: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење.
Ќе бидат затворени граничните терминали за влез на товарни моторни возила на територија на нашата држава и на коловозните ленти на самите гранични премини за излез од државата, но само на делот за товарен сообраќај.
Патничкиот сообраќај за патници непречено ќе се врши на секој граничен премин.
Протестот ќе започне:
– За излез од државата започнува на 26.01.2026 година со почеток во 12 часот,
– За влез во државата започнува на 26.01.2026 година со почеток во 24 часот, со цел сите домашни превозници кои се враќаат во државата да можат да стигнат до своите бази.
Блокадата може да трае еден ден, доколку има соодветен одговор од Европска унија до надлежните органи на четирите држави, доколку нема одговор предвидено е блокадата да трае седум дена како просечен период за извршување на превоз на стока во еден циклус.