„Не е крај на светот“: Мицкоски за заминувањето на две компании од Бунарџик
Премиерот Христијан Мицкоски денеска оцени дека не е крај на светот ако некои од компаниите кои работат во технолошко-индустриските развојни зони заминат, бидејќи како што рече „ќе има компании кои се отвораат, ќе има компании кои се затвораат“.
Тој најави дека до крајот на годинава се очекува четири до пет компании да потпишат договори за отворање свои капацитети во земјава, каде би биле вработени околу илјада луѓе. Потенцираше дека Владата постојано работи на носење на нови инвеститори во земјата и оти Македонија е една од најконкурентните земји во Европа.
„Ќе има компании кои се отвораат, ќе има компании кои се затвораат и домашни и странски и тоа не треба да се сфаќа како нешто што е крај на светот. Ние како Влада се обидуваме и успешни сме во тоа да привлечеме што е можно повеќе компании. Веќе имаме неколку што се во процес на завршување на преговори. Очекувам до крајот на годината, четири или пет такви компании веќе да потпишат договори со Владата така што очекувам нови над илјада работни места кои што ќе бидат резултат на овие потпишување. Ние како Влада сме тука да работиме за интересите на граѓаните и на државата и убеден сум дека со поддршката што ја даваме сме конкуретни. Би рекол дека сме едни од најконкуретните во Европа и тоа го покажуваме и со бројки и тоа го покажуваме и со дела“, рече премиерот.
Мицкоски, кој денеска беше во посета на „Костал“ кој објави нов инвестициски циклус за следната 2026 година од 30 милиони евра и нови 200 работни места, кажа дека еден од доказите за нашата конкуретност е и оваа инвестиција.
„Еден од тие такви докази е и оваа инвестиција која следната ќе ја прави ‘Костал’. Со оваа инвестиција од 30 милиони евра и 200 нови работни места целта е има извоз над 300 милиони евра претставува нешто навистина импресивно и јас им честитам на тоа“, рече премиерот Мицкоски.
Претходно, медиумите во земјава јавија дека две големи фабрики, капацитети на американските компании „Аптив“ и „Дура“, ќе ја напуштата земјава. Како што јави Телма од „Аптив“ потврдиле дека се очекува да ја затворат својата фабрика најдоцна до крајот на следната година, додека од „Дура“ известиле дека го запираат производството заради откажување на нарачките од страна главниот купувач.