НБМ ги чува парите во карантин пред повторно да ги пушти во оптек


Заради заштита на здравјето да се намали употребата на готовина, апелира Народната банка и препорачува банките да ги намалат провизиите за безготовински трансакции

 

Народната банка на Македонија уште еднаш апелира граѓаните помалку да користат готови пари особено сега во време на заканата од корона вирусот.

„Со оглед на тоа што готовината се смета за еден од честите канали за пренос на инфекцијата, а заради превенција од евентуално пренесување на заразата, повторно апелираме да се намали употребата на готовина, а да се зголеми употребата на платежните картички и останатите алтернативни, електронски начини на извршување на трансакциите. На таков начин ќе го заштитите сопственото здравје, како и здравјето на сите околу вас“, се вели во соопштебието на НБМ.

Од централната банка им препорачаа на банките да ги разгледаат можностите за намалување на провизиите поврзани со безготовински трансакции.

„За намалување на ризиците од употребата на денарската готовина, воведовме зајакнати протоколи за постапување, што се однесуваат на редовно повлекување на банкнотите и монетите што се во циркулација и нивно чување во карантин пред повторното пуштање во промет, а воедно ги укинавме и повизиите коишто ги наплатуваме од банките за полагање и подигање денарска ефектива. Ваквата процедура ќе се почитува и од страна на банките со кои остваруваме активна комуникација со цел заеднички да обезбедиме сведување на ризиците од контаминација и пренесување на заразата преку готовината којашто е во оптек на најниско ниво, велат од Народната банка.

Додаваат дека е потреба и претпазливост при користењето на странската готовина (девизи) што е внесена од друга држава и носи висок ризик од пренесување на заразата.

„Препорачуваме неа да ја размените во овластените банки и менувачници, по што ќе се применат посебни мерки за постапување и со оваа готовина, за да се намали можноста за пренесување зарази преку овој канал“, велат од НБМ.