Наумоски: Недостиг од работна сила, пад на ликвидноста и корупција – трите проблеми кои влијаат врз македонската економија


Генералниот извршен директор на „Витаминка“ Прилеп, Сашо Наумоски, за подкастот „Бизнис-клуб“ во разговор со претседателот на Стопанската комора Бранко Азески ги посочи трите проблеми што денес влијаат врз македонската економија: недостигот од работна сила, падот на ликвидноста и корупцијата.

Според него, иако во моментов во „Витаминка“ нема проблем со работната сила, при огласување слободно работно место проблемот индиректно се чувствува, бидејќи станува збор за редуцирана бројка за избор на лица кои аплицирале на огласот, што го отежнува вистинскиот избор на кадарот. Тие се првата компанија во Прилеп која се вклучи во процесот на дуално образвание, а тројца ученици од првата генерација потпишале договор за работа во компанијата „Витаминка“.

„Моментално најголем проблем е работната сила. Тоа е број еден и единствен најголем проблем. Вториот е падот на ликвидноста на компаниите во Македонија (важна измена на Законот за ДДВ, особено за увоз на нови машини и опрема), како и корупцијата“, потенцираше Наумоски.

Според него, неминовно е Владата да размислува за децентрализација и за преместување на министерствата во внатрешноста, затоа што така ќе дојде до растоварување на централната власт од главниот град, ќе дојде до растоварување на приливот на работната сила која оди да работи во јавната администрација и до зајакнување на бизнисите во градовите, а со тоа и државата би имала повеќекратна придобивка.

На прашањето за соработката на македонскиот бизнис истакнува дека не постои поделба во македонскиот бизнис, бидејќи кога е во прашање интересот, соработката е како што ја имаат Американците. „Единствено во што сме подобри од Американците е тоа што ние и по завршување на соработката ги продолжуваме и ги одржуваме релациите“, истакнува Наумоски.