Научници: Ригорозните мерки веројатно спасија над три милиони жители во Европа


Строгите мерки за изолација, вклучително и затворањето на продавниците и училиштата, ја намалија стапката на пренесување на новиот коронавирус во Европа доволно за да го доведат нејзиното ширење под контрола и може да спречат повеќе од три милиони смртни случаи, соопштија денеска научниците.

Во студијата за влијанието на мерките за изолација во 11 држави, научниците од Империал колеџот во Лондон велат дека драконските мерки, воведени претежно во март, имаат значаен ефект и помогнаа да се намали стапката на репродукција на болеста под еден до почетокот на мај.

Стапката на репродукција покажува колку во просек ќе зарази едно инфицирано лице. Стапка поголема од еден може да доведе до експоненцијално ширење на инфекција.
Научниците од Империал колеџ проценуваат дека од почетокот на мај меѓу 12 и 15 милиони луѓе во 11 земји (Австрија, Белгија, Велика Британија, Данска, Франција, Германија, Италија, Норвешка, Шпанија, Шведска и Швајцарија) биле заразени со вирусот.

Споредувајќи го бројот на смртни случаи со бројот на смртни случаи предвидени со нивниот модел доколку не биле воведени мерки, тие утврдиле дека се спречени околу 3,1 милиони смртни случаи.

Резултатите од истражувањето се објавени во списанието „Нејчр“.