НАСА: По 50 години повторно летаме на Месечината


Тимовите за лансирање во вселенскиот центар Кенеди во Флорида ги завршија последните подготовки пред денешното планирано полетување на првиот пробен лет на гигантската ракета Артемис 1 од новата генерација, како дел од програмата на НАСА од Месечината до Марс, 50 ​​години по eрата на Аполо, објави НАСА.

Претставниците на НАСА потврдија дека изгледа дека сите системи се подготвени за полетување, а временската прогноза предвидува 80 отсто поволни временски услови за лансирањето, кое треба да започне денеска околу 10:30 часот по средноевропско време, пренесе Ројтерс.

Доколку полетувањето на Артемис 1 денес биде одложено поради која било причина, НАСА ги одреди 2-ри и 5-ти септември како алтернативни датуми за лансирање.

„Досега сè за вселенското летало изгледа добро. Возбудени сме, ракетата е подготвена и изгледа одлично“, изјави Џеф Сполдинг, висок претставник на НАСА.

Новата рактеа за пат до месечината на НАСА остана недопрена пред денешното лансирање, и покрај тоа што пет громови удриле во лансирната рампа.

Ракетата „Space Launch System“, висока 98 метри, е најмоќната ракета што некогаш ја изградила НАСА, објави АП.

Таа беше дизајнирана да испрати празна капсула во орбитата на Месечината, половина век по програмата Аполо на НАСА која испрати 12 астронаути на Месечината.

Доколку овој шестнеделен тест помине добро, астронаутите би можеле да се вратат на Месечината за неколку години, но претставници на НАСА предупредуваат дека ризикот е голем и летот може да биде прекинат.