НБ прогнозира раст на инфлацијата од 3,1 отсто, а на БДП од 3,9 отсто, предкризното ниво ќе се достигне во 2022

Економскиот раст на земјава годинава ќе изнесува 3,9 отсто, проценува Народната банка во своите најнови Макроекономски прогнози кои ги презентираше денеска гувернерката Анита Ангеловска Бежоска. Овој раст на БДП е идентичен на априлските прогнози, рече Ангеловска Бежоска на прес конференција при што додаде дека на среден рок растот ќе биде умерен што ќе услови нивото на БДП пред корона кризата да се достигне во 2022 година, а не годинава како што претходно се очекуваше.
Во однос на инфлацијата направена е нагорна корекција – па така за годинава се очекуваа таа да изнесува 3,1 отсто, наспроти претходните прогнози за раст на цените од 2,2 отсто.
Ангеловска Бежоска рече дека по падот на БДП од 4,5 отсто минатата година, економскиот раст во првото полугодие годинава изнесувал 3,2 отсто, наспроти претходните очекувања дека тој ќе изнесува 5,4 отсто.
Во однос на структурата на растот, позитивно влијание ќе имаат сите компоненти, како личната побарувачка, која се очекува годинава да биде поголема за 7 отсто, а во наредните години да има поумерено темпо од околу 3,5 отсто, потоа раст на извозот и тн.
Ризиците за растот генерално се поврзани со текот на пандемијата, нарушувањата на синџирите на снабдување, како и енергетската криза.
Од НБ очекуваат во текот на наредната година да дојде до стабилизирање на состојбите во енергетскиот сектор.
Надворешните фактори имаат најголемо влијание врз растот на цените годинава и за зголемувањето на прогнозата за инфлацијата на 3,1 отсто, наспроти првичните 2,2 отсто. Сепак, како што рече Ангеловска Бежоска, не се очекуваат поголеми притисоци врз цените. За наредната година се очекува инфлацијата да изнесува 2,4 отсто, а потоа да се движи во рамки на повеќегодишниот просек од околу 2 отсто.
Гувернерката Ангеловска Бежоска уверува дека ситуацијата будно се следи и дека централната банка има на располагање низа инструменти кои соодветно би се искористиле доколку е потребно со цел да се задржи макроекономската стабилност.
„Будно ги следиме состојбите особено кај енергетскиот сектор и кај глобалниот раст на цените, но засега не се очекуваат шокови, се очекува инфлацијата да остане во умерени рамки“, нагласи Ангеловска Бежоска.
Доколку кризата има пролонгирани ефекти, како што истакна гувернерката, тие негативно би се одразиле врз повеќе сегменти во економијата како што се инфлацијата, повисоките притисоци, трговското салдо….
„Ние оваа година правиме умерена нагорна корекција на трговскиот дефицит, односно го влошуваме трговското салдо и токму една од причините се повисоките цени на енергенсите, но засега сите проекции на релевантните финансиски институции се дека ќе има стабилизирање на енергетскиот сектор следната година“, рече таа.
Според проекциите, дефицитот се очекува да остане во умерени рамки на ниво од 3,8 проценти, а на среден рок да изнесува околу два проценти од БДП, слично на преткризното ниво.
Девизните резерви, според податоците на Народната банка, изнесуваат 3,6 милијарди евра што е високо ниво во споредба со 2008 година кога изнесувале 1,5 милијарди евра. Позитивни движења се забележани и кај странските директни инвестциии кои во првата половина од годинава изнесувале 190 милиони евра за разлика од истиот период лани кога изнесувале 130 милиони евра. Раст има и кај дознаките од странство во првите девет месеци.
Кај банкарскиот сектор се очекува да продолжи солидната поддршка од страна на банките кон компаниите и кон граѓаните. Кај депозитите се очекува годишен раст од 7,1 проценти годинава и умерено забрзување до 8 проценти на среден рок.
Во однос на проекциите кои ги презентираа неодамна ММФ и Светска банка, Народната банка е поголем песимист за растот на БДП. Така, ММФ прогнозира раст на БДП од 4 отсто оваа година, и 4,2 отсто наредната, додека Светска банка 4,6 отсто годинава и 3,7 отсто во 2022 година. Проекциите на НБ се 3,9 отсто оваа година и исто толку наредната година.
Слично е и кај инфлацијата – ММФ проценува дека таа годинава ќе биде 3,1 и 2,2 отсто наредната, а Светска банка 2,4 оваа и 2 отсто наредната година, додека НБ 3,1 отсто оваа година и 2,4 отсто наредната година.
Народната банка има и алтернативно попесимистичко сценарио според кое растот би бил помал за 1,2 проценти, под претпоставка доколку се намали странската побарувачка. Постојат и позитивни ризици – како што се ефектите на Планот за забрзан економски раст кои што не се вградени во најновите макроекономски проекции.