Народна банка: Немаше друго решение освен затворање на Еуростандард
Централната банка уште еднаш потврдува дека Еуростандард банка не успеала да ги исполни законските минимуми за функционирање, а ниту сопствениците ниту потенцијалниот инвеститор не го уплатиле дополнителниот капитал за што постои законска обврска
Во деновите кога трае обесштетувањето на штедачите кои имаат влогови до 30.000 евра и тие се префрлаат на сметки на други банки, Народна банка денеска уште еднаш потсетува оти одлуката за затворање на Еуростандард банка била неминовна. Централната банка наведува дека Еуростандард не успеала подолго време да ја обезбеди стапката на адекватност на капиталот од 8 отсто. Потоа, дека централната банка презела низа супервизорски мерки, но и покрај нив кондицијата на банката не се подобрила, а не стигнала ниту дополнителната уплата на капиртал од сопствениците и од потенцијалниот инвеститор.
Во соопштението на Народна банка се вели:
Во насока на точно информирање на јавноста, имајќи ги предвид невистинитите информации коишто во изминатиот период во неколку наврати беа пласирани во врска со укинувањето на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“, како и невистините за банкарскиот систем и за работењето на Народната банка, уште еднаш сакаме да известиме и да потсетиме:
Одлуката за укинување на дозволата за основање и работење на Еуростандард банка е донесена согласно со Законот за банките, каде што се пропишани условите за работа во овој сектор. Одлуката е донесена заради неисполнување минимални законски услови за работа на банка.
Согласно со Законот за банките, за да се основа банка потребен е капитал од најмалку 310.000.000 денари, што сопствениците и банката во текот на своето работење се должни да го одржуваат или зголемуваат, но не смее да се намалува. Имајќи предвид дека секоја банка, покрај со сопствените средства располага и работи и со средствата на депонентите, со Законот е утврдена и минимална стапка на покриеност на пласманите на банката со сопствените средства, т.н. стапка на адекватност на капиталот од 8%.
Одлуката за укинување на дозволата на Еуростандард банка како и сите други одлуки што ги носи Народната банка, произлегува исклучиво од примена на законите, согласно со утврдени процедури коишто се усогласени со најдобрите меѓународни практики. Стручните супервизорски тимови на Народната банка подготвуваат целокупна аналитичка инфраструктура, односно информации, анализи и предлози за постапување, врз основа на коишто се носи одлуката. На овој принцип е донесена и конкретната одлука што се однесува на Еуростандард банка.
На оваа одлука претходеа низа супервизорски мерки. Имено, поради слабостите во своето работење, Еуростандард банка подолг период беше под засилен супервизорски надзор и беа изрекувани бројни супервизорски мерки, чија цел беше санирање на состојбите и опстанок на банката, во насока на заштита на билансот на Банката, а со тоа и на депонентите. Една од мерките беше спроведување план за подобрување на состојбата со кој сопствениците се обврзаа да извршат дополнителна уплата на капитал.
Согласно со состојбата во банката, единствено можно решение беше сопствениците да ја исполнат својата законска обврска и да вложат дополнителен капитал за да се исполни законски утврдената минимална стапка на адекватност на капиталот од 8%.
Заради неизвршената уплата на капитал од страна на сопствениците, а при поголеми загуби од работењето на Банката, со супервизорската контрола на Народната банка се утврди дека вредноста на капиталот и стапката на адекватност на капиталот на Еуростандард банка се под законскиот минимум.
Народната банка во овој процес на супервизија и изрекување мерки за подобрување на состојбите во Еуростандард банка, во комуникацијата со сопствениците постојано укажуваше на потребата за исполнување на законската обврска и дополнително итно вложување на капитал во банката. За жал, ниту од сопствениците на банката, ниту од потенцијалниот инвеститор посочен од нивна страна, со кого Народната банка исто така имаше интензивна комуникација, не се обезбеди потребниот капитал за да се достигне законски утврдениот минимум. Воедно, потенцијалниот инвеститор не ја достави потребната документација за отпочнување на постапка за утврдување дали ги исполнува законските услови за акционер на банка.
Оттука, Народната банка немаше простор за никакво друго решение освен постапување согласно со законот и носење на решение за укинување на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“. Народната банка не смее да дозволи да продолжи со работа банка којашто не исполнува минимални законски услови“, вели Народна банка во своето соопштение.
Таа уште додава дека Еуростандард банка е изолиран случај, а банкарскиот систем е стабилен и сигурен.