Наместо кон иднината, пак гледаме кон Делчев
Јавната врева со зовриени емоции за тоа чиј бил Гоце Делчев не престанува. Примитивната кавга, која индикативно започна со изјавата на шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева, дадена по првиот состанок на заедничката меѓувладина комисија, тело кое произлезе од Договорот за добрососедство меѓу двете земји, дека нема компромис со вистината бидејќи Делчев е Бугарин, ги разбуди духовите од минатото, кои во суштина секогаш го движеле регионот наназад.
Во агресивните и навредливи докажувања на идентитетот на Делчев се вклучија луѓе од речиси сите општествени сфери во двете земји – од историчари, преку актери, до свежи или подзаборавени политичари. Но впечатливо е дека македонскиот државен врв засега исклучително мудро се држи настрана од вулканот на политичко-историската расправија со националистички примеси, која не е во духот на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка кој двете земји го потпишаа пред две години. Тој беше оценет не како вест на денот, туку на деценијата, со оглед на лабавите односи и недовербата на релација Скопје-Софија таложена со години.
Премиерите Бојко Борисов и Зоран Заев од македонската престолнина во еден глас извикаа: „Направивме историски чекор напред“, нагласувајќи дека мирот, соработката и добрососедството се поважни од сè.
„Не случајно луѓето велат: ‘Гледајќи назад, ќе се сопнеш и ќе паднеш’. Затоа одлучивме да гледаме напред. Резултатите ќе ги видите за некое време. Терминот заедничка историја е термин кој дава заеднички перспективи, а не разделби“, поентираше тогаш премиерот на Бугарија (претседавач со ЕУ минатата година) која се претвори во еден од најголемите лобисти на македонските евроинтегративни аспирации.
Битката за Делчев сега предизвикува малку поинакви тонови. Министерот за одбрана Красимир Каракачанов се закани дека Бугарија може да ја смени својата позиција за европската и НАТО-интеграција. Европратеникот од партијата на Борисов (ГЕРБ), Андреј Ковачев, пак, порача дека неопходно е да бидат расчистени сите прашања околу историјата пред Северна Македонија да стане членка на ЕУ, за неговиот колега од европарламентот од ВМРО, Ангел Џамбаски, во вчерашното интервју за БТВ, да каже: „Бугарски национален интерес е меѓу Охрид и Црно Море да нема граница, во тој дел живее еден народ – бугарски народ“.
Професор Драги Георгиев, раководител на македонскиот дел од мешовитата македонско-бугарска комисија за прашањата за учебниците и историјата, пак, упати порака дека ако бугарската страна настојува да се напише дека Гоце Делчев е бугарски револуционер тогаш нема да има резултати по ова прашање.
Заострената реторика и сè посилните звуци од ударите по масите, кои од различни места се слушаат од двете страни, дека со „Гоце нема трговија“ може да фрлат дамка на историскиот исчекор што го направија двете влади, но, како што велат искусни дипломати, не може да доведат до таква политичка хаварија која би резултирала со блокирање на македонските евроатлантски перспективи.
„Владата може да биде прогресивна, но често пати во нејзините рамки имате поединци, припадници на одредени политички субјекти кои кокетираат со национализмот за домашна употреба. Тие шират тези со кои го одржуваат во живот стравот кај граѓаните, кој во суштина не е нереален со оглед на сите премрежија низ кои поминале земјите од регионот. Од дневно-политичката функција на кавгата за Делчев не може да се побегне. Она што е наша задача е да се работи на ослободување од стравот. Исклучително позитивно во моментов е што нашиот политички врв останува цврсто на патеката на т.н. ‘нова политика’, која меѓу другото подразбира дека ќе правите сè да ги релативизирате проблемите тогаш кога тие не можат да се решат. Впечатливо е дека и бугарскиот премиер Бојко Борисов засега се држи настрана“, велат нашите соговорници поранешни дипломати, кои изјавите на шефицата на бугарската дипломатија ги оценуваат како најблаго речено недипломатски.
„Сега гледаме дека во право беа членовите на македонскиот тим во Заедничката комисија за историски и образовни прашања кога инсистираа да не се даваат никакви изјави во јавноста сè додека не се дојде до конечно решение. Неодговорно е да се крева тензија и нетрпеливост“, нагласуваат тие.
Македонија, според нив, нема друг избор освен да издржи и да не влегува во секаков вид провокации кои се бунар без дно. „Тие постоеле и ќе постојат. На националистичките изблици не треба да се враќа со иста мера. Мора да водиме внимателна политика“, велат тие.
Македонија и Бугарија имаат и своја посебна и делумно заедничка историја, но со договор се определија да градат заедничка иднина како добри соседи и како членки на големото семејство на народите во НАТО и во ЕУ. Сепак, проблемите и фрустрациите кои се наталожени со години на двете страни не може да бидат решени со еден договор. До конечна релаксација на односите ќе треба да помине повеќе време кое треба да се искористи за промоција на заедничките инфраструктурни и економски проекти кои ќе донесат подобра иднина за граѓаните во двете земји.
„Во крајна линија, ние имаме свој наратив, свое толкување на историјата и може да се случи и да не прифатиме поинакво толкување. Во суштина сите нации се изградени врз некаква веројатна теорија за нејзиното постоење, врз вистини, полувистини, митови. Различните толкувања и интерпретации не може да бидат основа за блокирање на евроинтегративниот пат по кој одлучно се движиме“, велат соговорниците. (Н.К.)