Намалувањето на царините годинава ќе го „олеснат“ Буџетот за 4,7 милиони евра

Намалувањето на царинските стапки за 67 производи, како и ослободувањето од царини на увозот од САД, годинава ќе ја „олеснат“ државната каса за 4,7 милиони евра, односно за толку ќе изнесуваат помалку приходите од наплата на царините. Ова денес на прес конференција во Владата го изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска, одгововарајќи за фискалните импликаци од најавенот намалување на царините. Таа рече дека Владата нa последната седница усвои Предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за Царинска тарифа со што се врши намалување на царинската стапка кај 67 стоки кои се користат во домашната индустрија. Со измените се врши намалување на царинските стапки за 50 отсто на разликата помеѓу нашите постојни царински стапки и царинските стапки за тие стоки во ЕУ.
„За 67-те производи фискалниот ефект е 2 милиони евра на годишна основа за овие 50 проценти. Кога ќе стапат во сила и следните 50 проценти, кога ќе се усогласиме целосно со ЕУ, врз основа на податоците за увозот од 2024 година, годишните фискални импликации би биле 4 милиони евра“, појасни Димитриеска Кочоска.
Таа додаде дека на ова треба да се земат во предвид и фискалните импликации од ослободување од царински давачки и на увозот од САД.
„Тоа е некаде околу 3,7 милиони евра, на годишна основа. Тука нема промени, значи толку би изгубиле, што значи дека ние годинава би изгубиле еден милион евра од намалување на царините за 67-те производи, со оглед дека ќе се применуваат од 1 јули (на годишно ниво е два милиони евра), плус овие 3,7 милиони евра, за годинава фискалните ефекти ќе бидат 4,7 милиони евра“, рече Димитриеска Кочоска.
Министерката за финансии на прес конференцијата ги образложи измените и дополнувањата на Законот за Царинска тарифа со што се врши намалување на царинската стапка кај 67 стоки кои се користат во домашната индустрија.
Таа рече дека Предлогот е веќе испратен на усвојување во Собранието со цел пониските царински стапки да почнат да се применуваат од 1 јули 2025 година, односно од наредниот месец. Станува збор за стоки кои како суровини или репроматеријали се користат во нашите индустриски капацитети, особено во секторите на автомобилската, метало-преработувачката индустрија, металургијата и енергетиката, односно одделни производи потребни за производство на високо финални производи со цел да се зголеми извозната конкурентност на домашната индустрија.
Од 1 јули, како што појасни Димитриеска Кочоска, со измените се врши намалување на царинските стапки за 50 отсто на разликата помеѓу нашите постојни царински стапки и царинските стапки за тие стоки во ЕУ. Како пример, таа наведе дека ако царинската стапка на одредена стока кај нас изнесува 20 отсто, а во ЕУ изнесува 10 отсто, со тековните измени стапката се намалува на 15 отсто, со тенденција за идно понатамошно доусогласување.
„Истовремено со измените пристапуваме кон целосно усогласување со царинската стапка што се применува во ЕУ за литиум јонските батерии за складирање електрична енергија во секторот енергетика. Односно од 1 јули царинската стапка за нив од 15 отсто се намалува на 2,7 отсто со што директно помагаме во енергетскиот сектор. Ова, од причина што батериите стануваат клучен елемент во балансирањето на енергијата, системските услуги како и во планирањето на предавањето во мрежа на енергијата од обновливи извори на енергија со цел одржување на стабилноста на системот, но и осигурување на физибилноста на обновливите проекти“, рече Димитриеска – Кочоска.
Таа информира дека измените кои се предложени се со цел да ја зголемиме конкурентноста на домашните компании кои извезуваат на странските пазари да го зголемиме македонскиот извоз, како и да обезбедиме зголемен девизен прилив. При тоа ваквите мерки кои водат до намалување на трошоците на компаниите, како што рече, ќе имаат ефекти и врз зголемување на инвестициите и бројот на вработените, што е и приоритет на Владата, а во насока на остварување повисоки стапки на економски раст.
„Измените на Законот за Царинската тарифа се направeни во консултации со Стопанските комори и е дел од нашата определба за воедење инклузивен и партнерски однос со бизнис заедницата, а се со цел создавање подобро бизнис окружување. Претставува продолжување на водењето на царинската политика на намалување на царинските стапки на најприоритетните суровини и репроматеријали кои се употребуваат во преработувачката индустрија. Со оваа измена се реализира Програмата за работа на Владата 2024-2028 во делот каде Владата се обврзала за постепена хармонизација на царинските стапки со стапките кои се применуваат во Европската Унија адаптирано на извозно-увозните потреби на стопанството и на државата. Исто така претставваат надополнување на сите мерки и политики што ги преземаме за поддршка на домашната економија преку инвестиции во јавниот и приватниот сектор за остварување повисоки стапки на раст и обезбедување повисок животен стандард“, истакна министерката за финансии.
Во таа насока со измените предложивме и целосна либерализација на увозот на стоки со потекло од САД, односно укинување на царинските стапки за стоките кои доаѓаат во нашата земја од САД. На ваков начин, како што рече, сметаме дека ќе придонесеме за зголемување на конкуренцијата на домашниот пазар, додека во меѓународната трговија со едностраното намалување на царинските стапки праќаме порака за забрзување на процесот на реципроцитет во меѓусебната трговска размена.
„САД се стратешки партнери на нашата земја и соработката со нив е значајна од секој аспект поради што Владата e пoдготвена да го прошири и продлабочи блиското партнерство помеѓу двете земји што се заснова на заеднички цели, интереси и вредности и да воспостави трајна соработка врз основа на заемен интерес. Приоритет на оваа Влада е да креираме политики со кои ќе создадеме поволно и предвидливо бизнис окружување за сите компании, вклучително и за домашните и странските компании и на таков начин да изградиме силна економија“, нагласи Димитриеска – Кочоска.