Намален бројот на новозаразени од Ковид-19 во австралиската држава Викторија


Австралиската држава Викторија денеска забележа најмало дневно зголемување на бројот на заразени со коронавирус во изминатите седум недели.
Регистрирани се 116 новозаразени лица и 15 починати.

Претходно овој месец беше забележано рекордно дневно зголемување од 700 нови заразени, по што следеше пад на бројот на нови случаи на коронавирус, во најголем дел поради целосниот карантин наметнат во Мелбурн, вториот по големина град во Австралија.

Во Австралија, која има 25 милиони жители, речиси 25.000 луѓе се заразени со коронавирусот, а бројот на починати изнесува 502.

Во соседен Нов Зеланд денеска треба да се донесе одлука дали мерките за карантин, воведени во најголемиот град Окланд, ќе бидат олабавени.

Нов Зеланд има население од пет милиони, а вкупниот број потврдени случаи на коронавирус во таа земја е над 1.300, додека бројот на починати од Ковид-19 во моментов е 22.