Најсреќниот човек на светот не е среќен: Интервју со Теона Стругар Митевска

Знам дека звучам како подвижна реклама за братство и единство, но јас длабоко верувам дека ние бившите Југословени имаме многу повеќе работи кои не спојуваат отколку кои не разделуваат, вели Теона С. Митевска за „Независен“


„Длабоко сум засегната  со неправдата и вистината. Цврсто и храбро чекорам и стојам зад секој мој филм, Оскарот и наградите придонесуваат еден филм да бидę повеќе виден и токму тоа е целта на сето она што го правам, креирам и создавам, вели режисерката и косценаристка Теона Стругар Митевска (48), во ексклузивното интервју за „Независен“  неколку часа пред македонската премиера на нејзиниот филм „Најсреќниот човек на светот“ кој е македонски кандидат за Оскар, во категоријата најдобар меѓународен филм.

Дали сонува за најпрестижната златна статуетка, како нејзините филмови стигнуваат до престижни светски фестивали, зошто е важно се уште да се зборува за војната, во продолжение на интервјуто.

Годинава, би рекла, во остра конкуренција вашиот филм „Најсреќниот човек на светот“ е избран за македонски кандидат за Оскар , во категоријата најдобар меѓународен филм. Што за вас значи оваа почест?

Друштвото на филмски работници е независно тело, поседува комисија која оценила дека токму нашиот филм ја заслужува оваа почест; горда сум  и благодарна до комисијата. Приказната на „Најсреќниот човек на светот“ се занимава со современо Сараево и парадоксот на фактот дека оваа бивша југословенска земја се уште живее на некој начин во војна иако војната веќе 30 тина години е завршена. Мислам дека за нас тука во Македонија оваа прикаска е блиска бидејќи сите ние, бившите Југословенски републики сме на овој или оној начин жртви на таа војна која длабоко ги смени насоките на сите наши животи, а посебно на животите на мојата генерација. Понекогаш имам чувство дека 30 години некој ни ги украде  и се уште се прашувам зошто и како. Филмот се занимава со сите овие егзистенционални дилеми кои живот значат.

Дали сте од оние филмски автори кои сонуваат, еден ден, за Оскарот?

Би лажела кога би изјавила дека не сонувам. Сонувам моите филмови бидат видени од максимален број на публика и нивните пораки пренесени. Се занимавам со уметност со една единствена цел да го променам светот или пак да придонесам во неговото подобрување. Длабоко сум засегната  со неправдата и вистината. Цврсто и храбро чекорам и стојам зад секој мој филм, Оскарот и наградите придонесуваат еден филм да бидę повеќе виден и токму тоа е целта на сето она што го правам, креирам и создавам.

Како вашите филмови стигнуваат до престижни светски фестивали?

За ова ќе морате да зборувате со уметничките директори на престижните фестивали, како и со нивните програмери. Нема тајни: Когą делото е добро, си го пронајдува својот пат.Тука и ќе се  осудам да кажам: Очигледно правам добри филмови, кои резонираат подалеку од нашите граници!

Филмот на Митевска на 2 септември имаше светска премиера на фестивалот во Венеција во програмата Хоризонти

Какво публиката го прими вашиот шести филм во Венеција, како во Торонто,  а што очекувате на премиерата во Скопје?

Во Венеција имавме 8 и пол минути овации, во Торонто после проекцијата дисциплинираната  публика застана во ред долг стотина метра и уредно чекаше после проекцијата секој индивидуално да ми честита. Во Киев каде што го прикажав филмот пред две недели се отвори огромна дискусија, дали и како тие Укранците ќе успеат да се стават во ситуацијата која пораката на филмот ја носи во себе: Можноста да се прости после едно огромно злосторство. Во Македонија секогаш го очекувам онаа најпозитивното, филмот да  биде виден, гледан во кино салите, добро примен од нашите критичари – тоа мене, нам, досега никогаш не ни се случило. Ние едноставно , не знаеме или пак не сакаме да се цениме самите себеси, и тоа е тоа.

Зошто новиот филм го крстивте  „Најсреќниот човек на светот“? Коренспондира со неговата содржина или крие некаква симболична порака?

Насловот на филмот е симболичен, односно спротивен од ситуацијата на еден од главните два лика во прикаската. За жал, најсреќниот човек во светот никогаш не може да биде токму тоа: Среќен!

Дали сте вие среќна?

Видете, јас сум борец, и како стареам се повеќе ја прифаќам вистината за себе, јас сум јас, полна со куриозитет за светот и гладна за вистината. Од ништо не се плашам, освен од авиони! Среќна сум бидејки не морам да бидам ништо и никој друг освен тоа што и која сум јас: Теона Митевска.

 

Најсреќниот човек на светот“ е целосно на босански јазик и главнината на актерската екипа се босански и хрватски актери, вклучувајќи ја косценаристката Елма Татарагиќ, врз чија вистинска приказна е заснована приказната. Зошто се одлучивте за регионален кастинг и како ги избиравте македонските актери?

Јазикот беше главниот аспект при изборот на македонските глумци, се обидовме да ангажираме максимален број на Босанци, како и сами знаете, бошњачкиот е еден од официјалните јазици на Македонија. Инаку, определбата на националноста на еден филм не е заснована на јазикот туку на креативниот удел, „Најсреќниот човек на светот“  е босанска приказна на босански јазик, но според правилата е македонски филм каде повеќе од 50 посто од креативната екипа е од Македонија, како и финансиите.

Дали сметавте дека е важно е да се зборува за војната, со оглед на војната што се  случува денес во Украина?

Војната е најголемото зло со кое нашата цивилизација секојдневно се соочува.  Во моментов има околу 40-тина војни низ светот, војни за кои ниту знаеме ниту зборуваме, тоа е трагедијата на нашето постоење или пак како што мојот,многу добар украински продуцент,  изјави: Неподносливата леснотија на равнодушноста . Овој филм го спремав повеќе од пет години, додека го снимавме  не можевме да претпоставиме дека оваа прикаска која се занимава со минатото, одеднаш ќе постане стварност. За жал, со војната во Украина и нашиот филм стана многу актуелен и извонредно значаен. За мене овој филм е можност за почеток на разговор и дискусија и токму тоа се обидуваме да го направиме низ целиот  простор на бивша Југославија. После проекцијата на филмот во Љубљана, како и во Белград на Авторскиот Филмски фестивал организираме панел: Југославија 30 години подоцна, што и како понатаму! Важно е да тука, на овие простори, да почнеме да разговараме за нашето минато; да се соочиме со вистината, се договориме за истите факти колку и тие да се тешки да се преџвакаат и само така можеме да почнеме да конструираме заедничка иднина. Знам дека звучам како подвижна реклама за братство и единство, но јас длабоко верувам дека ние бившите Југословени имаме многу повеќе работи кои не спојуваат отколку кои не разделуваат.

Со вашата сестра и брат Митевски ја откривте формулата на добри приказни со кои избравте да го освојувате светот, не само дома или во регионот. Дали знаевте уште од почеток дека ќе успеете, кои беа најголемите предизвици, и кој е вашиот совет за идните наши креативци?

Во момент во Европа како и во светот се прават безброј филмови, меѓу кои и многу добри, пораката и содржината на прикаската е исто така важна какои и филмската форма. Најголем проблем кај нас е токму тоа, не експериметираме доволно во однос на формата, односно не го искористуваме нејзиниот потенцијал, не ги буткаме границите на изразот. Друга работа е храброста, добар уметник мора да биде храбар и слободен да се изрази , да го каже она што наумил да го каже без никаков страв. Се додека немаме услови слободно да се изразуваме, ќе правиме медиокритетски дела кои ќе остануваат само тука, на нашатата две милионска територија.

Дали во вашата глава се врти некоја нова приказна?

Во моментов работам на 5 дела -5 проекти, некои се понапред во развојот, други на самиот почеток.

Дали се уште живеете на релација Македонија- Белгија?

Би се вратила уште утре во Македонија и би живеела тука постојано кога не би морала да ја гледам неправдата која секојдневно не притиска.