Најмногу починати во еден ден во Италија од почетокот на пандемијата


Во Италија денеска е забележан црн рекорд.

Во изминатите 24 часа починале 993 лица, што е апсолутен рекорд од почетокот на пандемијата во оваа земја, која беше силно погодена и пролетта.

Има повеќе смртни случаи отколку во најцрниот ден на 27 март, кога имало 919 жртви. Што се однесува до новозаразените, 23.225 нови се евидентирани од 226.729 тестирани, а вчера имало 20.709 од 207.143 тестирани. Вчера во Италија имало 684 смртни случаи.

Малку помалку се хоспитализирани во одделенијата за интензивна нега и другите одделенија. Денеска во италијанските болници имало 31.722 пациенти, 682 помалку од претходниот ден, а 3.597 лица имало во единиците за интензивна нега.

Италија беше првата западна земја , сериозно погодена од пандемијата, а од ширењето на ковид-19 во февруари, 58.038 луѓе починале во земјата како резултат на инфекцијата, најмногу во Европа по Велика Британија. Досега се регистрирани вкупно 1.665.000 случаи на коронавирус.

Кога вториот бран на епидемијата нагло се забрза во Италија во првата половина на ноември, бројот на хоспитализирани се зголеми за околу 1.000 на ден, а бројот на пациенти во единиците за интензивна нега за околу сто.