Најмладиот пациент со корона во битолската болница е 19-годишна девојка со тешка клиничка слика
За само еден ден во болницата се направени 200 рендген снимки на гради, зашто заболените најмногу се жалат на отежнато дишење
Анета Блажевска
БИТОЛА – Битолчанка на 19 години суспектна на ковид со тешка клиничка слика е најмладиот пациент хоспитализиран денеска во Ковид центарот на Клиничката болницата во Битола. Бројот на хоспитализации расте од ден на ден, а се зголемува притисокот и на ковид амбулантите каде се чека во редици за преглед. За само еден ден направени се 200 рендген снимки на гради, зашто заболените најмногу се жалат на отежнато дишење.
До утрово во ковид одделенијата се згрижени 125 пациенти од кои 13 се нови приеми од денеска. Тројца пациенти се сместени во новата Модуларна болница. Ноќеска поради компликации од вирусот во болнички услови починал пациент на 73-годишна возраст.
„Најмладиот пациент има само 19 години, девојката е суспектна, но со тешка клиничка слика на ковид. Со зголемувањето на бројот на заболени се зголемува и притисокот врз амбулантите, така што вчера во двете амбуланти се прегледани 150 пациенти, а направени се над 200 рендген снимки. Хоспитализираните, најголем дел се со тешка клиничка слика на кислородна поддршка за што дневно се троши и до 1,6 тони кислород, вели д-р Билјана Гагачовска директор на Клиничката болница Битола.
Примариус д-р Ели Димитровска, инфектолог во Ковид центарот, изјави дека сите хоспитализирани пациенти се со многу тешка клиничка слика, на кислородна поддршка, со тешки воспалителни процеси на белите дробови и во некои случаи преземените терапевтски мерки не покажуваат клинички ефект, па како што вели, во последните денови има и многу смртни исходи.
„Се работи за пациенти од различни возрасни групи, но во овој нов бран имаме пациенти кои се млади. Апелираме до младите кои се најголеми преносители на инфекцијата да се воздржат од групирање, иако постои полициски час имаме информации дека младите се групираат, си прават журки. Кај нив е клучот за решавање на оваа неповолна и страшна состојба“, порачува д-р Димитровска.
Во ковид одделенијата во Битола во моментов нема заболени лекари или лица од медицинскиот персонал позитивни на вирусот, но Клиничката болницата Битола веќе почнува да функционира итно и ургентно. Во другите одделенија во болницата има позитивни на вирусот медицински лица, но како дел од семејни кластери.
„Се примаат пациенти со итни и ургентни состојби, да не доаѓаат граѓани ако немаат вистинска и итна потреба од тоа во овој период, да ги издржиме следните три недели. Кадарот е пренасочен и ротира, ротираат сите специјалности, задолжително во тимовите има тим лидери кои се од носечките специјалности. Работат анестезиолози, интернисти, невролози, повлекуваме и гинеколози и очни доктори. Сите специјализанти се вратени во Битола и излегуваат во пресрет“, рече Гагачовска.
Битола вчера повторно беше со најголем број на новозаболени од градовите во внатрешноста со 97 нови случаи, а бројот на активни случаи порасна близу 1.200.