Најмалку седум загинати во новите израелски напади врз Бејрут и јужен Либан
Најмалку седум лица загинаа откако Израел ги обнови нападите врз Бејрут и други делови од Либан, додека размената на оган меѓу Израел и проиранската милиција Хезболах продолжи и денеска, јави ДПА. Израелската војска соопшти дека во моментов напаѓа цели поврзани со шиитската милиција Хезболах во Бејрут.
Жители пријавиле најмалку три силни експлозии, додека густ црн чад се издигнувал над јужните предградија познати како Дахија.
Израелската војска претходно ги повика жителите да ги напуштат деловите од јужните предградија на Бејрут. Првично, во областа немало цивили, но повремено некои се враќаат за да ги проверат своите домови.
Сведок за ДПА изјавил дека две згради биле срамнети со земја во областа Бир ал Абед, додека еден стан е целосно уништен.
Според либанската државна новинска агенција ННА, најмалку пет лица загинале утрово во напади во околината на Набатија во јужен Либан.
Уште две лица загинале во посебен напад во долината Бекаа на истокот. Дополнителни напади биле пријавени низ јужните и источните делови на земјата.
Министерството за здравство на Либан соопшти дека израелски напад директно погодил тим на болничари од Исламската здравствена управа во неделата вечерта во градот Харис, во округот Бинт Џбеил, при што загинале двајца болничари, а трет бил тешко повреден.
Израелската војска соопшти дека ќе продолжи со копнените операции во јужен Либан, додавајќи дека тројца припадници на Хезболах биле убиени во неодамнешните борби. Според израелски извори, тие биле одговорни за смртта на четворица војници.
Хезболах, од своја страна, соопшти дека извршил повеќе напади врз израелски цели.
Во јужен Либан, милицијата тврди дека погодила израелски тенкови и дека истрелала ракети кон израелски позиции во Либан, како и кон цели во Израел.