Најмалку осум лица загинаа во поплавите во Мексико, а шест во Гватемала


Најмалку осум лица загинаа, а три се повредени откако обилни дождови предизвикаа излевање на река во мексиканската држава Халиско.

„Нетипичните“ врнежи целосно уништија четири куќи, а се проценува штетата на уште 50 згради, изјави локалниот функционер Густаво Роблес.

Тој рече дека локалните власти, кои соработуваат со федералната влада за прогласување вонредна состојба, добиле информација дека реката го поплавила подрачјето околу 7:20 часот и дека во операцијата учествувале повеќе од 100 припадници на спасувачките служби.

Во исто време, властите во Гватемала соопштија дека најмалку шест лица загинале вчера откако река се излеала од коритото поради обилните дождови што ја погодија оваа централноамериканска земја во неделата. Цивилната одбрана и војската соопштија дека најмалку 18 лица, меѓу кои десет деца, се водат како исчезнати во Гватемала по поплавите предизвикани од обилните дождови што однесоа неколку куќи во населба во главниот град.

Најмалку 29 лица загинаа во поплавите во Гватемала оваа дождовна сезона, според податоците на националната агенција за катастрофи.