Најмалку две жртви во Калифорнија во силното невреме од Пацификот


 

Силното невреме во Пацификот донесе ветрови, обилни врнежи од дожд и снег, поплави и лизгање на кал низ Калифорнија втор ден по ред, оставајќи десетици илјади домови без струја и неколку жртви.

Бурата беше поттикната од два феномени кои се преклопуваат – огромна струја на густа влага во воздухот што доаѓа од океанот, наречена и „атмосферска река“, и широко распространет систем со низок притисок со сила на урагани познат како „циклон бомба“.

Налетот на екстремните зимски временски услови ја одбележа третата „атмосферска река“ и најсилна што ја погоди Калифорнија од почетокот на минатата недела, а во следните неколку дена се очекуваат уште најмалку две бури.

Областа на заливот Сан Франциско, главниот град на државата Сакраменто и околината сè уште се опоравуваат од големите штети од поплавите кога ги погоди нов дожд.

Националната метеоролошка служба (NWS) предвиде широко распространети врнежи и снег во планините Сиера Невада и крајбрежјето на Јужна Калифорнија, предупредувајќи за поројни поплави и лизгање на кал, како и силни ветрови кои корнеат дрвја и го блокираат сообраќајот на автопатот.

Властите објавија најмалку два смртни случаи поврзани со временските услови, при што дрвото кое паднало врз куќа во текот на ноќта убило едногодишно момче и 19-годишна жена кога нејзиниот автомобил се излизгал од делумно поплавен пат.

Според податоците на порталот Poweroutage.us, дури 180.000 домови и деловни објекти биле без струја рано во четвртокот.

За жителите на Калифорнија, најновата серија бури сликовито ги илустрира последиците од потоплите температури на морињата и воздухот предизвикани од климатските промени, создавајќи атмосферски речни бури со зголемена фреквенција и интензитет во услови на екстремна, повеќегодишна суша.

Гувернерот Гевин Њусом прогласи вонредна состојба во средата, а државните власти ги повикаа жителите на Калифорнија да избегнуваат патувања.

Дождот се очекува да престане во текот на денот, рече Боб Оравец, метеоролог од NWS, но синоптичарите предвидуваат уште невреме во наредните денови.