Најголем пораст кај станбените и потрошувачките кредити, пад кај автомобилските
Паричната маса во јуни годинава, бележи месечен раст од 1,1 отсто што во најголем дел се должи на зголемените депозитни пари, а во помала мера и на долгорочните депозити до две години и краткорочните депозити, при пад кај готовите пари во оптек. Годишниот раст изнесува 8,3 отсто и главно е резултат на повисоките депозитни пари, при помал позитивен придонес и на краткорочните депозити и готовите пари во оптек, а во услови на забележан пад кај долгорочните депозити до две години, информираат од Народната банка (НБ).
-Вкупните депозити на годишна основа, се повисоки за 6,8 отсто, при раст кај двата сектора, кој е поизразен кај корпоративниот сектор. На годишно ниво, вкупните кредити бележат раст од 5,1 отсто, при зголемено кредитирање кај двата сектора, со поголем придонес на секторот „домаќинства“, прецизираат од НБ.
Според нив, вкупните депозити на корпоративниот сектор, овој месец, се повисоки за 3,1 отсто на месечна основа.
-Растот во најголем дел е резултат на зголемените депозитни пари, при помал позитивен придонес и на долгорочните депозити во странска валута, во услови на пад кај останатите компоненти. Годишната стапка на раст изнесува 16,7 отсто, главно поради зголемените депозитни пари, при позитивно влијание и на краткорочните и долгорочните депозити во странска валута, во услови на остварен пад кај останатите компоненти, велат од НБ.
Кај кредитите на корпоративниот сектор, прецизираат, во јуни е забележан месечен и годишен раст од 0,6 и 1,2 отсто.
-Нагорната промена, пред сè, се должи на зголемените кредити во странска валута, а позитивно, но помало влијание имаат и кредитите одобрени во денари, истакнуваат од НБ.
Кај вкупните депозити на домаќинствата, пак, е остварен месечен раст од 0,3 отсто што, според НБ, најмногу произлегува од зголемените краткорочни депозити во странска валута, а во позитивна насока влијаат и долгорочните депозити во странска валута и краткорочните депозити во денари, во услови на пад кај останатите компоненти.
-На годишна основа, депозитите на домаќинствата растат за 4,2 отсто под влијание на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута, при пад кај останатите компоненти. Кредитите на домаќинствата, овој месец, се зголемија за 1,3 отсто, во споредба со претходниот месец, како резултат на зголемувањето на кредитите во двете валути, малку поизразено кај кредитите во странска валута. Годишното зголемување изнесува 8,7 отсто и во поголем дел произлегува од денарските кредити, при позитивен придонес и на кредитите во странска валута, прецизираат од НБ.
Гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, додаваат, во јуни потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, бележат месечно зголемување од 1,3 и 1,9 отсто, а годишниот раст изнесува 7,9 и 14,7 отсто.
-Во јуни, автомобилските кредити, се намалени на месечно и годишно ниво за 2,9 и 17,1 отсто. Кредитите одобрени на кредитни картички, овој месец, се зголемија за 0,5 отсто на месечна основа, додека на годишна основа тие се намалени за 8,9 проценти. Кај негативните салда на тековните сметки, во јуни, е остварен месечен пад од 0,4 отсто, а на годишно ниво растат за 3,4 проценти. Кредитите одобрени врз други основи во јуни остварија месечен раст од 0,6 отсто, при годишен пад од 6,6 проценти, посочуваат од Народна банка.