ВМРО-ДПМНЕ обвини дека Филипче и СДСМ намерно вршеле притисок врз НБ и Алта банка, за да ја купи бизнисмен близок до нив


Владејачката ВМРО ДПМНЕ на прес конференција на Бране Петрушевски, заменик генерален секретар на партијата и пратеник, денеска обвини дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче и опозициската партија која ја води, со притисокот кон НБРМ и Алта банка, создавале терен бизнисмен близок до нив да ја купи банката за ниска цена.

„Тоа што со месеци го правеа не беше поради некаков српски свет, туку поради бизнис интереси на Филипче и неговиот ментор Заев“, истакна Петрушевски.

Тој вели дека целта на Филипче и СДСМ во случајот со Алта банка е да создадат паника и хаос во банкарскиот свет, дека банката е пред распаѓање и дека е неликвидна, за утре ден, близок бизнисмен до Филипче и Заев да ги откупи акциите за багателна цена.

„Еден од неколкуте докази што ја поткрепуваат оваа информација е вчерашната прес-конференција на генералниот секретар на СДС, Александар Димитријевиќ, кој побара ПИОМ да не ги исплаќа пензиите на корисниците на Алта банка, со што прави кривично дело според член 315 од КЗ“, рече Петрушевски.