Најбогатиот Црногорец сака да се врати во татковината

Поранешниот тајландски премиер, натурализираниот Црногорец Таксин Шинаватра планира да се врати во својата земја оваа година, пишува тајландскиот весник Бангкок пост


 

Таксин Шинаватра, кој пет години беше на чело на тајландската влада, а сега живее во Дубаи, побегна од будистичкото кралство во 2006 година, откако беше соборен, а во 2009 година, за време на владата на Мило Ѓукановиќ, по скратена постапка му беше доделен црногорски пасош.

Седумдесет и двегодишниот Шинаватра, кого медиумите во најмалата поранешна југословенска република го нарекуваат најбогат Црногорец затоа што неговото богатство се проценува на околу 1,6 милијарди долари, сака да ја помине староста во Тајланд, обидувајќи се да најде начини да се врати во својата татковината без да заврши зад решетки, бидејќи таму против него се поднесени вкупно десет тужби од кои во некои веќе е прогласен за виновен.

Според подгорички „Вијести“, компанијата „Глобал ТС Монтенегро“, која е во сопственост на Шинаватра и во називот ги има неговите иницијали, поседува 37.000 квадратни метри земјиште на популарниот остров Свети Никола кај Будва, што го купи во 2017 година од српскиот бизнисмен Станко Суботиќ за 24 милиони евра, во последните месеци се обидува да го продаде својот имот на престижната туристичка локација.

Иако има причини за тоа од финансиска природа, имајќи предвид дека црногорската компанија на Шинаватра во последните години бележи загуби од 60 до 70 илјади евра годишно, се чини дека важниот мотив зад неговиот обид да се ослободи од недвижностите во Црна Гора е тоа што поранешниот премиер на Тајланд, по 15 години во егзил, сака да се врати во својата татковина.

Мала шанса за враќање?

Најголемиот тајландски весник на англиски јазик, Бангкок пост, пишува дека Шинаватра минатата недела преку социјалната мрежа „Клабхаус“ изјавил дека размислува наскоро да се врати во земјата, додавајќи дека со оглед на тоа што во отсуство е осуден на 12 години затвор по неколку обвиненија, единствениот начин да се врати дома без да заврши во затвор е да добие помилување од тајландскиот крал.

Имено, партијата Пуеа Чат, со која поранешниот премиер е во блиска врска и која го поддржува неговото враќање во земјата, разгледувала две можни сценарија за крај на неговиот егзил. Едното е барање за повторно судење, а другото е споменатата амнестија.

Со оглед на тоа дека првиот метод законски бара презентирање на сосема нови факти и докази, се чини дека е тешко да се направи, па се верува дека амбициозен, богат и – би рекле многу Тајланѓани – корумпиран политичар нема друг избор освен да се потпре на милоста. На Рама Х, кој и самиот беше предмет на протести во Тајланд во последните години поради неговото развратно однесување.

Сепак, тоа не е без ризик, велат адвокатите, бидејќи тој пат би значел дека Шинаватра мора прво да им се предаде на тајландските власти и да оди во притвор, што потоа, доколку не добие помилување, би значело дека автоматски ќе оди во затвор, на издржување на затворската казна која му е определена.

Инаку, меѓу неколкуте видови злоупотреба на државната положба и проневера на пари, најдолга затворска казна (пет години) на „најбогатиот Црногорец“ му донесе манипулацијата со која издејствувал промена на државната регулатива за висината на концесиите и акцизите. така што компанијата чиј сопственик бил повеќе профитирала .

Личност која го поларизира општеството

Таксин Шинавтра е ексцентричен бизнисмен кој своето богатство го стекнал во дејности на мобилната телефонија и сателитски комуникации и кој ја основал популистичката партија Тај рак Тај (буквално „Тајланѓаните ги сакаат Тајланѓаните) во доцните 1990-ти, веднаш по тешката азиска финансиска криза (буквално: „Тајланѓаните ги сакаат Тајланѓаните“) и преку неа, откако постигна убедлива победа на изборите, стигна на чело на државата во 2001 година.

Тој остана во аналите на таа будистичка земја во Југоисточна Азија, каде што воените сили често се мешале во управувањето со државата, како единствен демократски избран премиер кој успеа да остане на власт цел мандат.

Меѓутоа, откако Шинаватра го освои вториот мандат во 2005 година, во јавноста протекоа извештаи за неговите корупциски скандали, од кои во најголемиот беше обвинет за затајување данок на продажба на акции во неговите гигантски фирми, кои наводно вределе околу една милијарда американски долари.

Се вели дека Шинаватра го навредил тогашниот крал Рама IX, кој се сметал за морално чиста, достоинствена личност која обединува политички фрагментирано кралство и кој бил почитуван, практично како живо божество. Ваквата перцепција предизвика редовни масовни собири на граѓаните, кои симболично носеа жолти маици секој понеделник во знак на поддршка на кралот.

Од друга страна, гласачката база на Шинаватра, главно многу сиромашни селани и работници од северот на земјата, носеа црвени маици како поддршка на неговата политика, која беше дарежлива кон овие сегменти од населението, бидејќи вклучуваше замрзнување на долговите на селаните, субвенции за фармите, малите и средни претпријатија и инвестирање во развој на систем на евтино и широко достапно (универзално) здравствено осигурување.

Така, тајландското општество се подели на поддржувачи и противници на Шинаватра и неговите соработници – жестока поларизација чии последици се чувствуваат и денес.

Додека беше на чело на земјата, Шинаватра водеше жестока кампања за борба против шверцот со дрога, започна офанзива против муслиманските сепаратисти на југот на земјата и ја предводеше обновата по големото цунами во кое загинаа повеќе од 9.000 луѓе на Тајланд кон крајот на 2004 година, а однесе повеќе од 230.000 животи во регионот на Југоисточна Азија.

Тој беше соборен од власт од армијата во септември 2006 година поради корупција и непочитување на монархијата, по што неговата партија беше забранета и тој беше принуден да побегне во странство. Веќе во 2008 година е осуден на две години затвор за судир на интереси, бидејќи и дозволил на тогашната сопруга да купи државно земјиште по цена пониска од пазарната.

Сепак, благодарение на неговото богатство и делумно на популарноста, тој продолжи да негува контакти со политичари и бизнисмени во Тајланд и да влијае врз работата на партиите кои подоцна беа основани со негова согласност, директно и преку членовите на неговото семејство кои останаа во земјата.

Покрај тоа, неговата помлада сестра Џинглук Шинаватра, како експонент на неговата популистичка политика, успеа да ја преземе премиерската функција во 2011 година, но по прогласувањето на изборите за неважечки, таа беше сменета во 2014 година со одлука на Уставниот суд, кој најде дека таа претходно незаконски сменила од функцијата еден министер во нејзината влада. После тоа, поради неможноста за формирање нова влада и конфликтот меѓу „црвените“ и „жолтите маички“, армијата повторно интервенираше со воведување воена диктатура која трае до денес.

Таксин Шинаватра, кој накратко беше сопственик на англискиот фудбалски клуб Манчестер Сити и кој може да се каже дека добро се опишува со зборот „тајкун“, во своето обраќање на форумот одржан на социјалната мрежа „Клабхаус“ на 5 јануари, самоуверено изјави дека неговото враќање во земјата би бил подарок за тајландскиот народ, бидејќи во тој случај ќе ги понуди своите услуги на владата и ќе дава бесплатни совети.

Сепак, тој останува фактор на поларизација во тајландското општество, бидејќи иако се уште ужива одредена поддршка, од друга страна предизвикува презир и згрозеност кај многу граѓани, кои сметаат дека неговиот најголем подарок за татковината би бил доколку годинава отиде на издржување на затворската казна.