Наградата „Прозарт“ врачена на словенечкиот писател Евалд Флисар на затворањето на 13.„ПРО-ЗА Балкан“


На затворањето на 13. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, наградата „Прозарт“ му беше врачена на словенечкиот писател Евалд Флисар кој, во обраќање по повод признанието, зборуваше за значењето на квалитетната литература и за улогата на книгата во време кога  „светот се дави во премногу зборови и премногу книги“. 

-Книгата може да биде опасна и во рацете на некој што не знае како да се справи со неа. Голем дел од она што го наоѓаме во книгите, во многу книги, може сериозно да го оштети умот. Од друга страна, добро избраната и правилно прочитана книга може да свети во животот на една личност како сонце, загревајќи го духот и исполнувајќи го со радост и креативност, истакна најпреведуваниот словенечки писател.

Како што информира „ПРО-ЗА Балкан“, „во својот обемен, но и мошне искрен говор, Флисар предупреди дека ‘плевелот на лошите книги’ го загушува просторот за креативна и искрена литература, додавајќи дека вистинската борба денес не е меѓу авторите, туку меѓу површното пишување и добрите читатели, оние кои знаат да ја разликуваат автентичната приказна од безличната продукција“.

– Мора да се бориме против лошите книги со добри читатели – оние што се добро начитани, информирани, образовани и што инстинктивно знаат што е добро, а што е само подгреана каша. Се плашам дека секоја година има сè помалку и помалку такви читатели, истакна Флисар.

Завршната вечер на „ПРО-ЗА Балкан“ и оваа година започна со традиционално читање  извадоци од дела на гостите – Небојша Лапчевиќ, Хана Корнети, Елена Алексиева, Лидија Димковска, Јана Бауер, по што публиката  го проследи читањето од лауреатот Флисар.

Фестивалот го затвори Дејан Трајкоски, идеен творец на „ПРО-ЗА Балкан“, посочувајќи дека „во овие времиња на светот како да не му преостанува ништо друго освен да го послушаат поетот Радован Павловски и неговата мисла од циклусот песни ‘Зрна’: Биди како природата/ И на мали работи/ Најди им пат/ Да дојдат/ До својот врв“.

Во рамките на дополнителната програма на фестивалот, в петок во 20 часот во „Аудиокултура“ во Скопје ќе гостуваат четири грчки поети за промоција на книгата со поезија „30 современи грчки автори“ – Хрисанти Иакову, Ефтихија Кателанаки, Манос Мавромустакакис и Никос Влахакис, истакнати поети, чии песни се застапени во книгата.

Програмата „Скопје фелоушип“ оваа година се реализираше во соработка со КУД „Содобност“ од Словенија, а кофинансиранa е од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

-Учесниците на програмата имаа можност да се сретнат со претставници од домашните издавачки куќи во Куќата на Европа во Скопје и учествуваа на тркалезната маса „Војни, вештачка интелигенција, литература“ во Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје. На програмата годинава учествуваат 15 издавачи, меѓу кои претставник на италијанскиот гигант „Џунти едиторе“, поранешна директорка во „Рандом хаус“ и актуелна уредничка на британска издавачка куќа, еден од најугледните издавачи на книги за деца од Украина, шпанскиот издавач на Јосип Коцев, унгарскиот издавач на Румена Бужаровска, претставничка од ТРАДУКИ, директор на литературна агенција од ОАЕ, претставник на Интернационалната алијанса на независни издавачи и уште многу издавачи од Европа, соопшти Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ кој е организиран од издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје.