Нафтата повторно поскапе


Цените на нафтата пораснаа по големиот пад во претходните денови, во време кога доминираат стравувањата за испораките од Русија и Либија.

Во исто време, индустриските податоци покажаа дека залихите на сурова нафта паднале во САД минатата недела.
Барел нафта од типот брент поскапе за 66 центи и чини 107,91 долар, а барел сурова нафта во САД по поскапувањето од 43 центи чини 103,02 долари.

Двете вредности паднаа за 5,2 отсто на турбулентен ден на берзите вчера, откако Меѓународниот монетарен фонд го намали проектираниот глобален економски раст за речиси четири отсто, наведувајќи го влијанието на војната во Украина и инфлацијата, што е „јасна и сегашна закана“ во многу земји.

Намалената прогноза за глобален економски раст и тековни затворања во Кина поради Ковид 19 ја намалуваат побарувачката за овој енергент.